Министерството за финансии при извршен надзор над работењето на финансиските друштва утврдило низа неправилности и измамнички трговски практики, особено во начинот на рекламирање на финансиските услуги.
Како што информираат од Министерството, во одредени случаи биле пласирани реклами за кредити со „0 проценти камата“, иако во договорите со клиентите биле предвидени дополнителни трошоци.
Надзорот открил и други неправилности, меѓу кои рекламирање на финансиски услуги под различни брендови без јасно да се наведе кое финансиско друштво ја нуди услугата. Исто така, било констатирано дека поединечни друштва користеле повеќе веб-страници, како и називи во деловните простории кои се разликуваат од официјалниот назив наведен во дозволата за работа.
Министерството за финансии им наложило на сите финансиски друштва кај кои биле утврдени неправилности веднаш да ги отстранат рекламите и натписите што можат да ги доведат граѓаните во заблуда.
Доколку тие не постапат по налозите, Министерството најавува дека ќе ги преземе сите расположливи мерки со цел заштита на граѓаните како корисници на финансиски услуги.
Од Министерството потсетуваат дека финансиските друштва се должни да го користат исклучиво називот наведен во дозволата за работа издадена од Министерството за финансии, како и да користат една официјална веб-страница на која јасно ќе биде наведено за кое финансиско друштво станува збор.
Според Законот за заштита на потрошувачите, одредена трговска практика се смета за измамничка доколку не се наведени клучни информации кои му се потребни на потрошувачот за да донесе информирана одлука.
Текстот Компании за брзи кредити рекламирале „0 проценти камата“, а наплаќале дополнителни трошоци е превземен од МАКФАКС.





