Милевски: Преку ИПА програмата ја реставрираме црквата „Св. Власие“ во Штип

пред 4 години

Конзервацијата и реставрацијата на црквата „Св. Власие“ e од особено значење за подобрување на туристичката понуда на Штип. Активноста се реализира во рамки на проектот „Културен мост низ вековите“, финансиран преку ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Северна Македонија, изјави министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

„Направив увид на градежните активности на археолошкиот локалитет Исар, каде што со проектот од Центарот за развој на Источен плански регион, се реконструира и се става во функција оваа културно-историска знаменитост во Штип, се подобрува пристапност до лoкалитетот преку изградба на патека и реконструкција на црквата „Св. Власие“ и нејзината околина, во висина од 90 илјади евра. Со задоволство можам да констатирам дека уште една туристичка атракција ќе ставиме во функција и со тоа ќе се збогати туристичката понуда на Штип. Се надевам дека и со Центарот за развој на Источен плански регион како и со општина Штип ќе продолжиме успешно да соработуваме во иднина“, рече Милевски.

Градоначалникот на општина Штип, Сашко Николов, кажа дека во завршна фаза е изградбата на пристапната патека која води кон ова археолошко место, каде што веќе се реконструирани темелите на црквата која датира некаде од 14-тиот век.

Црквата „Св. Власие“ се наоѓа на археолошкиот локалитет „Исар“ и е откриена со археолошки истражувања од страна на стручен тим од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип во 2010 година. Градежните активности предвидуваат конзервација и реставрација на сите ѕидни платна со камен и опус со надѕидување до максимум 1,5 метри од ниво на теренот.

Подот ќе се реставрира по целата негова површина со камени плочи. Вториот дел од проектот претставува изградба на пристапна патека кон црквата од западната страна, во должина од 146 метри која што целосно ќе биде изработена од камен. Третиот дел на проектот опфаќа осветлување на пристапната патека и на црквата „Св. Власие“ со украсни канделабри. Во рамките на проектот ќе се реализираат и обуки за туристички водичи како и обуки за управување со културни настани и културно наследство.

Share
Scroll to Top