Народната банка доби признание од ММФ за економската отпорност на Македонија

Народната банка доби признание од ММФ за економската отпорност на Македонија

пред 10 часа

И покрај периодот на сериозни глобални кризи, Народната банка на Македонија одигра клучна улога во зачувувањето на економската стабилност и во зајакнувањето на отпорноста на домашната економија, беше истакнато на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и нивните тимови, учествува на средбите во Вашингтон каде беше нагласено дека девизните резерви на земјата се зголемени за околу 40% во однос на преткризниот период. Овој пораст, според неа, е главно резултат на солидниот прилив на странски директни инвестиции кои во 2024 година достигнаа 7,1% од БДП – едно од највисоките нивоа досега.

„Повеќе од кога било е важно да се одржи стабилноста во вакво непредвидливо глобално окружување. Нашата цел останува стабилен девизен курс и ценовна стабилност како темел за долгорочен економски раст“, изјави гувернерката Ангеловска-Бежоска.

На средбите со високи претставници на ММФ, како директорот за Европа Алфред Камер, извршниот директор Јерон Клик и шефицата на мисијата Анет Кјобе, беше истакнато и значајното подобрување на банкарскиот систем во земјата. Македонија, според анализите, бележи најголем раст на адекватноста на капиталот во регионот, но и во однос на земјите од Европската Унија, што овозможува солиден кредитен раст.

Дополнително, беше разгледан и најновиот Светски економски преглед на ММФ, според кој се предвидува натамошно намалување на глобалната инфлација – до 4,3% во 2025 и 3,6% во 2026 година. Сепак, ММФ предупредува дека ризиците и понатаму се присутни поради трговските војни и нестабилните глобални политики.

Во рамки на македонската делегација на пролетните средби учествуваат и вицегувернерот Фадил Бајрами и вицегувернерката Ана Митреска.

Текстот Народната банка доби признание од ММФ за економската отпорност на Македонија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top