Народната банка и Европската инвестициска банка (ЕИБ), денеска, потпишаа Договор за соработка, со кој се обезбедува поддршка на напорите на Народната банка во сферата на зелените финансии. Договорот беше потпишан од страна на гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска и претставникот на ЕИБ во земјава, Бјорн Габриел, додека на средбата присуствуваше амбасадорот на ЕУ, Н.Е. Дејвид Гир, амбасадорката на Сојузна Република Германија, Н.Е. Петра Дрекслер, како и дел од тимот на Народната банка.
Соработката помеѓу двете институции се состои во консултантска поддршка за централната банка за понатамошно унапредување на регулаторната и супервизорската рамка за управување со климатските ризици, како и на капацитетите за известување, собирање и обработката на податоци за зелените финансии. Целта е преку овие активности да се зајакне разбирањето на изложеноста на климатските ризици кај корпоративниот сектор од страна на банките и да се поддржат одржливите практики. Соработката ќе се спроведува во рамки на Програмата на ЕИБ за зелени финансиски системи.
Гувернерката посочи дека Народната банка почнувајќи од 2020 година, постојано презема мерки и активности за поттикнување на финансирањето на зелената трансформација на нашата економија. “Досега преземените мерки и активности на Народната банка за поттикнување на зеленото финансирање, како и идните чекори се содржани во првиот Среднорочен план на активностите на Народната банка во доменот на управувањето со климатските ризици. Спроведувањето на планираните активности од Среднорочниот план е веќе започнато. Во насока на зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем на климатските ризици, Народната банка неодамна усвои Насоки за банките за начинот на управување со ризиците поврзани со климатските промени. Првичните анализи за оцена на изложеноста на банкарскиот систем на физички и транзициски ризици поврзани со климатските промени, кои се темелат на тековно расположливите податоци во овој домен се особено значајни, и во наредниот период е предвидено да се продлабочат, а во подготовка е и Преглед со зелени показатели”, истакна Ангеловска-Бежоска.
Киријакос Какурис, потпретседателот на ЕИБ, кој е одговорен за операциите во земјава, изјави: „како дел од Тимот Европа, среќни сме што сме активен придонесувач за зелената транзиција и целите за одржливост на Северна Македонија. Договорот со Народната банка се заснова на одличната соработка воспоставена во последните неколку години. Тој ги надополнува другите наши активности во Северна Македонија, како што е „зелената“ кредитна линија потпишана во 2023 година со Развојната банка на Северна Македонија (РБСМ), како и проектите за одржлив транспорт, енергетска ефикасност и заштита на животната средина во рамките на Економскиот и инвестицискиот план. Овие активности имаат големо значење за Северна Македонија, која има за цел да стане дел од семејството на ЕУ и ги усогласува своите активности со Зелената агенда и Парискиот договор“.
Германската амбасадорка во земјава, Петра Дрекслер, изјави дека „постојат три карактеристики кои се особено погодни за карактеризирање на денешните германско-македонски односи: цврсто европски, економски одржливи, климатски ориентирани. „Програмата за зазеленување на финансиските системи“ го илустрира ова на прекрасен начин. Финансискиот сектор игра клучна улога во приближувањето кон одржлива, отпорна глобална економија, која ги зачувува ресурсите. Без инвестиции во климатската отпорност, не може да има одржливи економии во иднина. Затоа, климатската акција е основен столб на германската надворешна политика. Благодарна сум на Европската инвестициска банка и на Народната банка на Северна Македонија што се наши партнери во ова“.
Шефот на делегацијата на ЕУ во земјава, амбасадорот Дејвид Гир забележа: „Финансиските институции и регулаторите може да играат важна улога во акциите за борба против климатските промени. Со обезбедување приспособена техничка помош за Народната банка на Северна Македонија и локалните комерцијални банки, оваа програма ќе помогне во развојот на ефикасно зелено кредитирање и инвестиции во Северна Македонија, а со тоа ќе придонесе за климатските цели на земјата“.
Програмата на ЕИБ за зелени финансиски системи обезбедува техничка помош за градење финансиски системи кои се отпорни на ризиците кои произлегуваат од климатските промени, со крајна цел поддршка на приватниот сектор во процесот на насочување на расположливите средства во климатски и еколошки одржливи инвестиции. Програмата е финансирана од Меѓународниот фонд за климатска иницијатива на ЕИБ, во име на германското Сојузно Министерство за економски прашања и климатски активности. Таа претставува заеднички придонес на германското Сојузно Министерство за економски прашања и климатски активности и Европската инвестициска банка кон работата на NDC Partnership, а пред се’ кон иницијативата „Поддршка за подготвеност за зелени централни банки“ и Национално утврдените придонеси на РСМ.
На средбата беше заклучено дека меѓуинституционалната соработка, координираниот национален пристап и градењето системи за поголема отпорност и ублажување на штетите, се од суштинско значење за справувањето со климатските промени коишто се идентификуваат како еден од најголемите ризици во светот на кус и на долг рок. Улогата на меѓународните финансиски институции и нивната подготвеност за поддршка во овој домен е од исклучителна важност за нашата земја.
Текстот Народната банка и ЕИБ ќе соработуваат за поддршка на зелените финансии е превземен од МАКФАКС.