Вицегувернерката на Народната банка, Арљинда Хасани Синани, на дискусијата „Жените во корпоративното лидерство во Северна Македонија: Од сознанија до акција“ укажа на заедничката одговорност за унапредување на родовата еднаквост. Таа посочи дека инклузијата не треба да се однесува само на жените кои веќе имаат пристап до раководни позиции туку и на оние кои се соочуваат со дополнителни пречки за вклучување во економските текови.
„Нашата цел не треба да биде само да има повеќе жени на највисоките раководни позиции туку да градиме општество во кое секоја девојка и секоја жена ќе има еднаква можност да ги развива своите потенцијали и да успее, ова го нагласувам земајќи го во предвид големиот број жени кои воопшто не се пријавуваат како баратели на работа на пазарот на трудот. Треба да ги анализираме причините зошто овие жени воопшто не се ангажирани. Вистинскиот напредок е оној во кој никој не е изоставен“, порача вицегувернерката Хасани Синани на дискусијата, организирана од „Жени во корпоративните одбори – Јадрански регион“ (Women on Boards Adria – WOBA), во соработка со Европската инвестициска банка (ЕИБ).
Во контекст на економското јакнење на жените, Хасани Синани ги посочи активностите на Народната банка за подобрување на пристапот на жените до финансии и поддршка на женското претприемништво.
Со учеството во дискусијата, Народната банка ја потврдува својата поддршка за унапредување на еднаквите можности, доброто корпоративно управување и економското јакнење на жените, како важни предуслови за поинклузивен и одржлив економски раст.
Текстот Народната банка со поддршка за родовата еднаквост во корпоративното лидерство и квалитетното управување е превземен од МАКФАКС.


