Македонија вложува силни напори да ги изгради и модернизира европските коридори 8 и 10 и во таа насока реализираме крупни проекти на истите. Работиме на изградба на железничкото поврзување со Бугарија, започнавме со постапките за изградба на брза пруга на коридор 10, а исто така градиме и автопатски делници на коридор 8, се обрати вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во рамки на Министерскиот совет на Транспортната заедница, што се одржува во Брисел.
„Имаме среќа што два паневропски коридори, 8 и 10, минуваат низ земјата и решивме како Владата да вложиме напори за напредок на двата коридори и тоа е нешто на што работиме заедно со нашите пријатели, партнери. Како што знаете потпишавме заеднички договор во ноември, за коридор 8 и тоа е големо достигнување за двете земји, нешто што целосно ќе ја промени реалноста во регионот и сега работиме за да го спроведеме. Од наша страна, железницата е поделена на 3 делници, едната е во функција од јануари годинава, втората се надевам ќе ја завршиме следнава година, а за третата работиме со нашите партнери од ЕИБ за да го објавиме тендерот не подоцна од јануари и очекувам напредок таму и така ќе дојдеме до спојување со Бугарија преку тунел. Што се однесува до коридор 10, во делот на железницата, решивме да изградиме брза железница со 200 км на час за патнички возови и 120 км на час за товарни возови. Преку Велика Британија добивме поволно финансирање и веќе се спроведува подготвителна работа. Ако се биде добро, очекувам првите машини да бидат на терен не подоцна од јуни 2026 и да завршиме во период од 5 години. Тоа ќе биде голем поттик за економијата во регионот и за поврзување. Што се однесува до автопатите, со коридор 10 процедурата е во тек, работиме со Светска банка, а со коридор 8 почнуваме сега и ќе продолжиме. На коридор 8 ја отворивме источната делница меѓу Куманово и Крива Паланка во јануари, работиме на западната делница и би сакал да ве поканам сите да видите што работиме”, рече вицепремиерот Николоски.
Министерскиот совет е во организација на Секретаријатот на Транспортната заедница. Покрај вицепремиерот Николоски, присуствуваат и министри за транспорт и владнини претставници од Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Бугарија, Словенија, од Кипар, Романија, Ирска и од други европски земји.
Текстот Николoски: Вложуваме силни напори да изградиме квалитетна железничка и патна мрежа во Македонија е превземен од МАКФАКС.





