На денешната редовна седница, Владата го разгледа и усвои предлог-законот за буџети со цел имплементација на реформите во процесите на планирање и извршување на буџетот, зајакнување на фискалната дисциплина, стабилни фискални проекции за среднорочен период, интегрирање на процесите во јавните финансии и подобрена транспарентност.
Со оглед на тоа што постојниот Закон за буџети е од 2005 година, со новиот предлог-закон се предвидени неколку дополнителни измени и допрецизирања и со него се уредени постапките за изготвување, донесување и извршување на Буџетот и буџетите на единиците на локалната самоуправа и град Скопје, како и известување за извршување на буџетот. Потребата за изработка на целосно нов закон е со цел подобрување на управувањето со јавните финансии и зајакнувањето на среднорочното буџетирање како еден од најголемите приоритети на Владата, како дел од процесот за пристапување во Европската Унија.
Новиот закон за буџети, кој треба да важи од 1.1.2023 година се вклопува во концептот СМАРТ финансии, односно истиот е со цел да обезбеди рамка за водење здрава, предвидлива и одржлива фискална политика, како и зголемување на буџетската дисциплина и одговорност и ќе биде доставен во собраниска процедура.
Денеска на седницата, беше разгледан и прифатен и предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите, по скратена постапка. Со предложените измени и дополнувања се предлага со денот на влегување во сила на Предлогот на Законот да престане да важи Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба. Предложените измени се со цел да се продолжи со примена на новиот начин на пресметување на акцизата за одредени енергенти во зависност од движењето на малопродажната цена на соодветниот енергент на светските берзи и истовремено ќе се овозможи и понатаму да се користи и механизмот кој овозможува постепено враќање на постојните износи на акциза во услови на нормализирање на цените на пазарот на нафтени деривати, а кои се веќе воспоставени со донесувањето на Уредбата со законска сила.Дополнително, со измените се предлагаат одредби кои се во насока на доработување, појаснување и прецизирање на одредбите од Законот за акцизите.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за усвојување на ревидирана единствена листа на проекти усогласена со Економскиот и инвестициски план на Европската Унија за Западниот Балкан, во која ќе влезат сите планирани проекти во следната фаза. Се задолжуваат сите институции кои сакаат да аплицираат на повиците објавени во рамките на Инструментот „Инвестициска рамка за Западен Балкан (ВБИФ) за техничка помош и инвестициски грант, да ја почитуваат процедурата за аплицирање преку обезбедување на позитивни мислења од меѓународните финансиски институции, Министерство за финансии и надлежните министерства (доколку се работи за јавни претпријатија) до 25 јануари 2021 година и за истото да го известат Секретаријатот за европски прашања, кој подоцна ќе ја информира Владата на Република Северна Македонија.
На денешната седница беа разгледани и усвоени повеќе Програми за работа во разни области за тековната 2021 година меѓу кои: Од Министерството за наука и образование, Програмата за научно-истражувачката дејност за 2021 година, кој ги опфаќа финансиските средства наменети за финансирање на научно-истражувачката дејност и тоа за:
1. Програми на Јавните научни установи и единици насочени кон науката при државните универзитети,
2. Национални научно-истражувачки проекти
3. Билатерални научно-истражувачки проекти,
4. Организација на научни собири,
5. Издавачка дејност (научни книги),
6. Учество на домашни истражувачи на меѓународни научни собири во странство,
7. Студиски престои во странство и престој на странски научни истражувачи во Република Северна Македонија,
8. Објавување на научни трудови во странски научни списанија (со импакт фактор), надоместок за средства за објавени научни трудови во списание со импакт фактор,
9. Стипендии за млади научно-истражувачки кадри на втор и трет циклус во земјата и странство:
– стипендии и уписнини за студии од втор циклус во странство според Шангајската ранг листа,
– стипендии и уписнини за студии од трет циклус во странство според Шангајската ранг листа,
– еднократен надомест за одбрана на магистерски труд,
– еднократен надомест за одбрана на докторски труд,
– стипендии и уписнини за студии од втор циклус за студии во странство од областите на ликовната уметност, кинематографијата и филмската продукција, драмската уметност и музиката,
– стипендии за последипломски студии на Јавна научна установа Институт за филм, филмска академија-Охрид,
– стипендии и уписнини за постдипломски студии по старотурски јазик,
– стипендии и уписнини за студии од втор циклус за ФАМУ, Република Чешка,
– објавување на творечки субвенции за творечки дејности,
– стипендии за студии од втор и трет циклус на студии на странски државјани кои престојуваат во Република Северна Македонија по основ на билатерална и мултилатерална меѓународна соработка,
– Стипендии „Борис Трајковски“ студии од втор циклус за извршната МБА програма на Универзитетот Шефилд и
– Стипендии и школарини за последипломски и докторски студии во согласност со Законот за правата на претседателот на Република Северна Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата,
10. Програма за техничка култура,
11. Државна награда „Гоце Делчев“,
12. Контрибуција на членарини во Меѓународни организации,
13. Ќе се подржува престојот на постдипломци, универзитетски професори во Република Северна Македонија во рамките на ЦЕЕПУС програмата за 2021 година,
14. Други расходи-исплата на експертски и советодавни тела, исплата на рецензии, објавување на огласи, конкурси и други активности.
Од истото Министерство беше предложена и усвоена и предлог-програмата за остварување и развој на дејноста во студентскиот стандард за 2021 година како и предлог-програма за остварување и развој на дејноста во ученичкиот стандард за истата година.
На предлог на Министерството за труд и социјална политика за оваа година беа разгледани и усвоени предлог-програмата за развој на дејноста за заштита на децата како и Предлог -програмата за остварување на социјалната заштита, кои опфаќаат исплаќање на средства за исплатата на декемвриските надоместоци од сферата на детската и социјалната заштита.
На денешната седница беше разгледан и утврден и текстот на предлог-законот за изменување на Законот за социјалната заштита, кој во редовна постапка ќе биде доставен до Собранието. Со измените се предвидува овозможување на услугата лична асистенција да ја користат и деца од шест годишна возраст со намален функционален капацитет, со цел да се овозможи индивидуална помош и поддршка и на децата за вршење на секојдневни активности и тоа заради пристап до образовните институции, центрите за рехабилитација и вклучување во заедницата, кои дете без попреченост вообичаено ги врши без поддршка. Со предложените измени се очекува 200 деца да добијат услуга на лична асистенција и тоа од 80 часа во текот на еден месец.
Владата соопшти дека ја усвоила и Информацијата за содржината на Програмата за изградба на нови објекти и за реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат националните установи од областа на културата за 2021 година. Годишната програма за инвестиции во културата за 2021 година содржи 14 проектни активности кои ќе се реализираат од страна на Министерството за култура и Националните установи од областа на културата кои се носители на активностите. Финансиските средства потребни за реализација на активностите од Годишната програма за инвестиции во културата за 2021 година, се предвидени во Буџетот на Министерството за култура за 2021 година во износ од 207.000.000,00 денари.