Пад на доларот, раст на европските акции и обврзници по изборниот успех на демократите во САД

Пад на доларот, раст на европските акции и обврзници по изборниот успех на демократите во САД

пред 1 час

Победата на демократите на изборите за двата дома на американскиот Конгрес се одрази денес на светските финансиски пазари, ослабувајќи го доларот и охрабрувајќи го растот на цените на американските државни обврзници, додека европските акции зајакнаа.

Приносот на десетгодишните американски државни обврзници падна за пет базични поени, на 4,92 проценти, додека приносот на соодветните германски обврзници се намали за два базични поени, на 3,31 проценти, објави Блумберг.

Доларот ослабе во однос на сите главни светски валути, а еврото зајакна за 0,5 проценти, на 1,1244 долари, додека британската фунта и јапонскиот јен исто така забележаа раст.

Инвеститорите првично реагираа негативно на изборниот успех на демократите поради очекувањата дека нивната контрола врз Конгресот може да доведе до построг регулаторен надзор, особено врз технолошките компании и секторот за вештачка интелигенција.

Спротивно на тоа, пазарот на обврзници реагираше позитивно на можноста за политички ќорсокак во Вашингтон, што би можело да ги ограничи дополнителните намалувања на даноците и да ги зголеми владините трошоци, а со тоа и потребата од ново задолжување на американската влада.

Стратегот за глобални пазари во компанијата за управување со средства „Инвеско“, Дејвид Чао, процени дека демократската контрола на Конгресот ќе ѝ отежни на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да усвои важни законски предлози кои имаат поддршка само од една политичка партија.

Помалите фискални стимулации би можеле да го намалат притисокот врз економскиот раст, инфлацијата и приносите на американските државни обврзници, рече Чао, пренесува Танјуг.

Влијанието на политичките промени врз технолошкиот сектор привлекува посебно внимание на инвеститорите.

Построгата регулација на вештачката интелигенција би можела да ја забави изградбата на центри за податоци и инвестициите во инфраструктура за развој на оваа технологија, што би влијаело и на доларот, рече стратегот на банката „Креди агригол“, Дејвид Форестер.

На стоковите пазари, цената на златото се зголеми за 2,6 проценти, на 4.032,14 долари за унца, додека суровата нафта „Брент“ падна за 0,5 проценти, на 103,11 долари за барел.

Текстот Пад на доларот, раст на европските акции и обврзници по изборниот успех на демократите во САД е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top