Славески на средби со ММФ: Македонската економија покажува отпорност, а банкарскиот систем останува стабилен

Славески на средби со ММФ: Македонската економија покажува отпорност, а банкарскиот систем останува стабилен

пред 12 часа

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари работни средби со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во рамките на Годишните средби на ММФ и Групацијата на Светската банка, коишто се одржуваат во Бангкок, Тајланд. На средбите присуствуваше и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Гувернерот Славески се сретна со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Матеуш Шчурек, извршниот директор на ММФ, Јерун Клик, и заменикот на извршниот директор, Марникс ван Рај. Во разговорите беа разгледани макроекономските движења и изгледи, предизвиците во глобалното економско окружување, оцените и проекциите во најновиот Светски економски преглед (ВЕО), состојбите во банкарскиот сектор, како и натамошното унапредување на соработката меѓу Народната банка и ММФ.

„Во услови на продолжени геополитички превирања беше истакната потребата од внимателно следење на движењата на надворешните ризици и нивното влијание врз домашната економија. Беше нагласено дека македонската економија покажува отпорност и покрај надворешните предизвици, а стабилизацијата на инфлацијата создава поповолна основа за нејзино натамошно враќање кон проектираните нивоа. Сепак, неизвесностите на светските пазари и домашните инфлациски притисоци бараат претпазливост во водењето на макроекономските политики, координација меѓу нив и одржување на стабилноста на девизниот пазар и соодветното ниво на девизните резерви“, соопштија од Народната банка.

Во однос на банкарскиот систем било истакнато дека тој останува стабилен и отпорен, со висока капитализираност, солидна ликвидност и добар квалитет на кредитното портфолио.

„Овие показатели ја потврдуваат способноста на банките да се справат со потенцијалните ризици и да продолжат да ја поддржуваат економската активност во услови на зголемена глобална неизвесност“, се наведува во соопштението.

Делегацијата на Народната банка оствари средби и со претставници на одделите за статистика, правни работи и монетарни и капитални пазари на ММФ. Беа разгледани досегашните резултати и можностите за понатамошно унапредување на соработката во областа на монетарната политика и статистиката, јакнење на институционалните капацитети и усогласување со меѓународните стандарди.

Била потврдена заемната определба за продолжување на успешната соработка меѓу Народната банка и ММФ, којашто придонесува за унапредување на централнобанкарските функции и зајакнување на отпорноста на домашната економија.

Текстот Славески на средби со ММФ: Македонската економија покажува отпорност, а банкарскиот систем останува стабилен е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top