Стојаноски: СДС ги меша инфлацијата со реалниот раст

Стојаноски: СДС ги меша инфлацијата со реалниот раст

пред 1 час

СДС ги меша инфлацијата со реалниот раст – додека тие зборуваат за „колапс“, растат индустријата, извозот и капиталните инвестиции, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Последниве денови економските т.н. „експерти“ од СДС се обидуваат да создадат слика дека македонската економија е во криза, мешајќи го нивото на цените со инфлацијата и номиналните со реалните показатели. Официјалните бројки покажуваат нешто сосема друго. Инфлацијата во јули изнесува 2,3% на годишно ниво. Кај храната и безалкохолните пијалаци цените во јули се намалени за 1,1% во однос на јуни. Од априлскиот врв до јули, годишната стапка на инфлација падна за 3,4%, односно 60% пониска во однос на априлското ниво“, рече тој.

Додаде дека пониска инфлација не значи дека цените се вратиле на нивото од пред неколку години туку значи дека темпото на нивниот раст се намалува.

„Талогот од СДС тврди дека тоа било резултат на „замрзната економија“. Но ако економијата е замрзната, како индустриското производство во јуни расте за 6,5%, преработувачката индустрија за 7,9%, а производството на капитални производи за 8,6%? Само еден месец претходно СДС зборуваше за „слободен пад“ на индустријата. Денес, по најновите податоци, индустриското производство за целото прво полугодие е во плус.Не расте само индустријата. Извозот во првите шест месеци е повисок за 8%, а реалниот БДП во првиот квартал расте за 3,1%. Подвлекувам – реален раст на БДП, што значи дека влијанието на цените веќе е земено предвид во пресметката“, рече Стојаноски.

Додаде дека и капиталните инвестиции ги демантираат тезите на СДС.

„До крајот на јули се реализирани 21,3 милијарди денари капитални расходи, што е за 39,6% повеќе од истиот период минатата година. Истовремено, вкупните буџетски приходи се повисоки за 9,3%, а даночните приходи за 10%. И кај животниот стандард имаме важен показател – просечната нето-плата во мај расте за 8,2% номинално, а 3,2% реално. Значи, имаме намалување на инфлацијата, раст на БДП, раст на индустријата, извозот, капиталните инвестиции и реалните плати“, рече Стојаноски и додаде дека тоа не значи дека сите проблеми се решени.

„Но значи дека приказната на СДС за економски „колапс“ не ја издржува проверката со официјалните бројки“, рече Стојаноски.

Текстот Стојаноски: СДС ги меша инфлацијата со реалниот раст е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top