ФИТР: Рекордни 706 апликации за кофинансирани грантови за технолошки развој

пред 4 години

Вкупно 706 домашни компании аплицираа на Јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст на Фондот за иновации и технолошки развој кој беше затворен денес. Ова е рекорден број на доставени апликации во рамките на било кој досегашен јавен повик кој го спроведува ФИТР, велат од таму.

„Главната цел на овој инструмент на ФИТР е да се поддржат домашните компании да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари преку воведување на нови, иновативни, напредни, „зелени“ и дигитални технологии за нивна трансформација. На повикот освен микро, мали и средни претпријатија, можност да аплицираат имаа и приватните здраствени установи (ПЗУ)“, велат од ФИТР.

Вкупниот буџет на јавниот повик изнесува шест милиони евра, односно 2.500.000 денари за микро претпријатија, до 5.000.000 денари за мали и до 10.000.000 денари за средни претпријатија. Преку овој повик, ФИТР обезбедува 70% од буџетот на проектот за микро или мало претпријатие или 60% за средни претпријатија.

За компаниите кои аплицирале, следи процес на примарна селекција на предлог проектите, во која оценувањето ќе го вршат домашни стручни лица од 22 области на експертиза.

Во втората фаза проектите ќе ги разгледува Комитетот за одобрување инвестиции (КОИ), независно тело составено од петмина меѓународни експерти.

Покрај Ноел Грегор Патерсон Џонс и Вибху Шарма, чиј мандат започна во 2019 година, пред два месеци КОИ доби тројца нови членови, односно Марвин Лиао, Ашер Сидики и Гунтер Фелингер. Лиао кој беше избран за нов претседател на КОИ, бил извршен директор во „Yahoo!“ повеќе од една деценија. Тој е поранешен партнер на „500 Startups“ и Бизнис Ангел со над 19 години искуство во ризичен капитал, технолошки бизниси и стартапи. Марвин инвестирал во 500 стартапи од 2014 година. Ашер Сидики има над 20 години искуство во корпоративен развој, со реализирани зделки вредни околу 8 милијарди американски долари. Тој бил исто така дел од „500 Startups“ во САД но и дел од менаџерскиот тим кој ја водеше трансформацијата на „Етисалат“ во ОАЕ. Ашер својата кариера ја започнал како претприемач во Велика Британија и САД кон крајот на 90-тите.

Третиот од новите членови на КОИ, Гунтер Фелингер е генерален Секретар на CEE BC – Австрија. Последните 28 години, Гунтер патува и придонесува за трансформација на бизнис секторот во Централна и Источна Европа и одлично ги познаваа економиите и предизвиците на младите претприемачи и нови бизниси во регионот. Гунтер по 11 години живеење во Албанија, Црна Гора и Косово, од 2016 година е позициониран во Киев.

За апликантите кои ќе бидат одбиени, ФИТР воведе нова менторска програма со цел да ги доразвијат своите проекти и да аплицираат повторно во иднина.

Share
Scroll to Top