Цените на комерцијалните недвижности во Германија нагло паднаа во четвртиот квартал од 2023 година, покажаа податоците од банкарската асоцијација ВДП, откривајќи го влијанието на повисоките трошоци за финансирање и изградба. Во периодот од октомври до декември цените биле за 12,1 отсто пониски во однос на истиот период во 2022 година, пресметале од здружението. Ова е најголем пад откако ВДП ги објавува податоците.
Во цела минатата година тие паднаа за 10,2 отсто, по речиси стагнација во 2022 и 2021 година, покажуваат податоците на здружението. „Сè уште нема знаци за промена на трендот на цените на недвижностите и покрај честите шпекулации во јавноста. Како што сега стојат работите, ситуацијата ќе биде тешка и во 2024 година“, изјави извршниот директор на ВДП, Јенс Толкмит.
Намалувањето на каматните стапки во еврозоната поттикна бум на пазарот на домување, особено во Германија, но Европската централна банка (ЕЦБ) почна да ги зголемува во јули 2022 година за да ја спречи инфлацијата. Од јули 2022 до септември 2023 година тие ги зголемија за 4,5 процентни бодови.
Поголемите трошоци за финансирање и повисоките цени на градежните материјали предизвикаа проблеми кај недвижностите и градежните компании. Австриската групација Сигна прогласи банкрот, а ЕЦБ стравува од можни проблеми при наплатата на кредитите.
„Моделот на банкарски заеми за компаниите за недвижности имплицира дека зголемените финансиски трошоци би можеле да го удвојат уделот на заемите на компаниите загубари до дури 26 отсто“, пресмета ЕЦБ во извештајот објавен кон крајот на минатата година.
„Портфолијата на комерцијални недвижности во банкарските средства се релативно ограничени, што значи дека веројатно нема сами да доведат до системска криза, но во случај на стрес на поширокиот пазар, тие би можеле да играат улога на значаен ‘засилувач’“, предупредија тие.
Текстот Цените на недвижностите драстично паѓаат во Германија е превземен од МАКФАКС.