„Шахтерм“ ќе инвестира 50 милиони во Скопје, прва фабрика надвор од Турција

„Шахтерм“ ќе инвестира 50 милиони во Скопје, прва фабрика надвор од Турција

пред 7 часа

Со поставување камен темелник денеска официјално започна реализацијата на инвестицијата на турската компанија „Шахтерм“, производител на грејачи и отпорници за бела техника и електрични апарати, во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) – Скопје. Во првата фаза, инвестицијата ќе изнесува 25 милиони евра и ќе отвори 200 нови работни места, додека во втората фаза се планира вкупна инвестиција од 50 милиони евра и преку 500 вработени.

Премиерот Христијан Мицкоски, присутен на поставувањето на темелите, истакна дека оваа инвестиција претставува важен чекор кон економскиот развој и индустрискиот напредок на земјата.

„Инвестицијата во првата фаза ќе изнесува 25 милиони евра со 200 нови работни места, додека планот е оваа инвестиција да има и втора фаза каде што вкупната вредност ќе изнесува 50 милиони евра, а бројот на вработени се планира да биде над 500“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека станува збор за проект кој потврдува стабилноста и економскиот напредок на државата, нагласувајќи ги последните економски показатели како позитивни сигнали за македонската економија.

„Индустриското производство во март 2025 година е пораснато за 5,2 проценти на годишно ниво. Странските директни инвестиции за 2024 година достигнаа 1,255 милијарди евра, со што Македонија е земја со најмногу странски инвестиции по глава на жител во Европа. Инфлацијата во март е под 3 проценти – 2,7, а во април 2,6 проценти. Платите растат од 9 до 10 проценти на годишно ниво, а кредитната активност во првиот квартал е зголемена за 13 проценти – што е шест пати повеќе од просекот во Европската Унија. Македонија е на добар пат да стане една од најбрзо растечките економии во Европа“, нагласи премиерот.

Фабриката на „Шахтерм“ ќе се протега на површина од над 13.000 квадратни метри и ќе вклучува и центар за истражување и развој. Ова ќе биде прв производствен капацитет на компанијата надвор од Турција.

Турскиот амбасадор во земјава, Фатих Улусој, изрази задоволство од почетокот на инвестицијата, истакнувајќи дека „Шахтерм“ е компанија која работи со најголемите светски брендови во индустријата.

„Ги охрабруваме турските бизнисмени да инвестираат во оваа земја и ќе продолжиме да го правиме тоа. Компанијата Шахтерм ќе го заземе своето место меѓу компаниите кои гордо ја претставуваат нашата земја во Северна Македонија и ќе го зголеми придонесот за економијата на Северна Македонија“, изјави Улусој.

Тој истакна дека трговската размена меѓу двете земји се приближила до 1 милијарда долари, со заедничка цел да се зголеми на 2 милијарди долари. Очекувањата се наскоро да започнат и преговори за ажурирање на Договорот за слободна трговија од 1999 година.

„Со многуте компании и организации кои работат во земјата – во банкарство, образование, култура, здравство, индустрија, обновливи извори на енергија, туризам, градежништво, земјоделство, текстил, малопродажба – Туркије ги продолжува своите економски врски и инвестиции со Северна Македонија“, рече Улусој.

Претседателот и основач на „Шахтерм“, Фарук Шахин, ја претстави компанијата и нејзините глобални капацитети.

„Имаме повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. 60 отсто од нашето производство го извезуваме. Моментално сме дел од петте водечки компании во светот во оваа дејност. Работиме со брендови како ‘Вирпул’, ‘Амика’, ‘Горење’, ‘Беко’ и ‘Кенди’,“ рече Шахин.

Текстот „Шахтерм“ ќе инвестира 50 милиони во Скопје, прва фабрика надвор од Турција е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top