Алиу истражува, но се сомнева дека ќе најде податоци за извозот на мозоци: Истечени сите рокови за архивирање на документите

Алиу истражува, но се сомнева дека ќе најде податоци за извозот на мозоци: Истечени сите рокови за архивирање на документите

пред 3 часа

Стариот закон ги обврзува институциите да ги чуваат документите за извоз на мозоците како биолошки материјал 15 години, а новиот, од 2018 година вели да се чуваат 25 години. И по двата закона роковите се истечени и институциите немаат обврска да ја чуваат документацијата за извозот кој се случил пред 30 години. Вака министерот за здравство Азир Алиу објасни за истрагата која се прави во Министерството за извезените мозоци од починати Македонци со психијатриска дијагноза кои во научни цели биле извезени во САД.

„Јас барам од нашата група да дојде до информации како е тоа направено, како тој материјал стигнал од една земја во друга, тука е нашето. Но, има и втор момент за кој морам да ве информирам, според стариот закон до 2018 година сите материјали, административни документи законски било да се чуваат 15 години. Од 2018 година, според ЕУ  директивите, сите документи кои се поврзуваат со таков тип биолошки материјал треба да се чуваат 25 години. Ако земеме и новиот и стариот закон, а се работи за проект пред 30 години, се плашам дека можеби некоја институција може и да ги нема тие документи архивирано“, рече министерот Алиу.

Лично мислење на министерот е дека има мали можности за злоупотреби во целиот процес оти се работи за истражувачки проект меѓу две земји.

„Втората земја е САД каде што има многу јасно дефинирани протоколи кога се работи за биолошки материјал. Прво овој факт треба да го имаме предвид. Вториот факт што мене лично ми дава комодитет дека би имало можеби малку злоупотреби е институцијата од другата страна, се работи за престижен Универзитет. Исто така научникот кој е главен во тој Универзитет е човек кој што е светско име како научник, и лично, тргнувајќи од себе си, не верувам дека таа држава, тој Универзитет или таа лабораторија може да дозволи да има злоупотреби за увоз на биолошки материјал без да има јасно дефинирани протоколи. Ова е мое лично мислење“, рече министерот Алиу.

Македонската јавност дозна дека некогаш од кај нас биле извезувани мозоци од починати лица за научно да се истражуваат откога американското Министерство за правда ги објави документите на починатиот милијардер обвинет за трговија со луѓе, педофилија и силување, Џефри Епстин.

Јавното обвинителство денес извести дека по објавите во медиумите е оформен предмет по допрен глас поради наводите од објавените документи во случајот за Епстин.

Текстот Алиу истражува, но се сомнева дека ќе најде податоци за извозот на мозоци: Истечени сите рокови за архивирање на документите е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top