Алиу: Клиниката за гинекологија e симбол за нов живот, извршено реновирање и унапредување на условите за мајките и новороденчињата

Алиу: Клиниката за гинекологија e симбол за нов живот, извршено реновирање и унапредување на условите за мајките и новороденчињата

пред 5 часа

Министерот за здравство, Азир Алиу заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска ја посетија Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, каде е извршено реновирање на повеќе простории кои секојдневно ги користат илјадници пациентки.

Вкупната инвестиција изнесува над 34 милиони денари.

– Гинеколошко-акушерската клиника е место каде што започнуваат нови животи, каде што се носат најтешки одлуки и каде што довербата во здравствениот систем мора да биде апсолутна. Затоа секоја инвестиција тука има посебна тежина и посебна одговорност. Од вкупната површина на клиниката, реновирани се 2 илјади квадратни метри, односно целото приземје кое го опфаќа влезниот хол, поликлиничкиот дел со амбуланти, HPV лабораторијата, биохемиската лабораторија, како и амбулантата за итни случаи. Ова значи подобра организација, побрза услуга и поквалитетна грижа , токму таму каде што е најпотребно, рече Алиу.

Тој посочи дека е особено значајна и новата настрешница од 420 квадратни метри на платото на Клиниката, што овозможува побезбедно и подостоинствено прифаќање на пациентките кои се транспортираат од други здравствени установи, а воедно со оваа инвестиција се покажува грижа, безбедност и почит кон секоја жена што доаѓа на клиниката во чувствителен момент.

– Оваа инвестиција е реализирана целосно со средства на самата Клиника. Тоа зборува за одговорно управување, визија и посветеност на раководството и вработените. Како Министерство за здравство, наша задача е да создаваме услови во кои здравствените работници ќе можат да ја дадат најдобрата можна грижа, а пациентите ќе се чувствуваат сигурно, почитувано и згрижено, заклучи министерот.

Текстот Алиу: Клиниката за гинекологија e симбол за нов живот, извршено реновирање и унапредување на условите за мајките и новороденчињата е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top