Алиу: Науката како двигател на подостапно здравство, одбележан 7 април, Светскиот ден на здравјето

Алиу: Науката како двигател на подостапно здравство, одбележан 7 април, Светскиот ден на здравјето

пред 4 часа

Министерот за здравство, Азир Алиу, им го честита 7 Април – Светскиот ден на здравјето на сите здравствени работници, на денешното традиционално свечено одбележување, во организација на Македонското лекарско друштво.

-Годинешното мото „Науката ја прави здравствената заштита подостапна“ јасно говори дека научниот пристап во здравството претставува клучен двигател на иновации, напредок и унапредување на квалитетот на здравствените услуги. Примената на науката овозможува воведување нови методи, континуиран развој на професионални вештини и современ пристап во лекувањето на пациентите. Во изминатиот период направивме значаен исчекор во развојот на трансплантациската медицина во земјава, со успешно започнување на трансплантација на рожници. Овој сегмент претставува пример за наука во функција на здравството, како и за мултидисциплинарен пристап и висока посветеност на здравствените работници. Трансплантацијата и органодонорството, како врвен чин на хуманост, спасуваат животи и го продолжуваат животниот век на пациентите, истакна во своето обраќање министерот Алиу.

Во насока на унапредување на достапноста на здравствените услуги, тој посочи дека еден од приоритетите е воведување телемедицина како призната здравствена услуга. Во рамки на законските измени, електронското здравствено досие ќе претставува централен извор на податоци. Успешно се реализира пилот-проектот на релација Скопје–Дебар–Делчево, преку кој пациентите со кожни заболувања добиваат дијагноза без физичко присуство на Клиниката за дерматовенерологија.

– Телемедицината води кон здравство, што штеди време ги намалува трошоците, ја намалува нееднаквоста ја приближува експертизата до секое населено место. Тоа е healthcare without walls, односно здравство без физички и географски бариери, рече министерот Алиу.

Тој потсети дека активно се работи на финализирање на националната стратегија за дигитално здравство, која ќе ја постави земјата рамо до рамо со најнапредните европски модели.

-Зборуваме за здравствен систем базиран на интероперабилност (меѓусебна комуникација на системите), HL7 FHIR стандарди (меѓународни стандарди за размена на здравствени податоци, следливост на секоја одлука, role-based access (пристап според улоги и овластувања), audit trails (дигитални траги и логови за контрола), data governance (управување со податоци), транспарентни листи на чекање и аналитика во реално време (податоци за брзо и прецизно управување), истакна министерот Алиу.

Светскиот ден на здравјето е можност за осврт на постигнатите резултати и тековните реформи во здравствениот систем, при што човечкиот потенцијал останува во фокусот.

– Горди сме што нашите лекари, истражувачи и експерти денес придонесуваат и на меѓународно ниво. Примерот со д-р Срцева во областа на ретките заболувања е доказ дека Македонија не е само корисник на знаење. Паралелно реализираме инвестиции во инфраструктура и современа медицинска опрема, како и активности за воведување стандардизирани болнички процедури и патеки за упатување, со цел пациентите да добијат навремена и соодветна здравствена услуга. Дополнителна потврда за напредокот е најновиот извештај на Обединети нации за 2025 година, во кој државата е високо рангирана во намалување на неонаталната смртност. Со заеднички заложби продолжуваме со градење поквалитетен, поефикасен и подостапен здравствен систем за сите граѓани, посочи министерот Алиу.

Текстот Алиу: Науката како двигател на подостапно здравство, одбележан 7 април, Светскиот ден на здравјето е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top