Арсовска: За Чаир имам комплетни решенија за нормален, урбан живот

пред 3 години

Решавање на постоечките проблеми во Општина Чаир и создавање услови за нормален, урбан живот, најави кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, на денешната прес-конференција.

Таа посочи на сите започнати, а како што рече, недовршени проекти од претходниот градоначалник кој не ги исполнил своите ветувања кон чаирчани.

„За разлика од половичните решенија, јас ќе успеам да реализирам проекти. Овде мора да постои уште една лента. Како дополнение на ова решение е и надвозник од мостот Битпазар до Христијан Тодоровски Карпош и со тоа скопјани ќе добијат брзо и ефикасно сообраќајно решение кое ќе ги поврзува општините Чаир, Бутел и Центар. Овде во Чаир ќе го решиме и проблемот со паркинг места и вистински ќе изградиме нови катни гаражи и паркиралишта и тоа кај Чаирчанка, амбулантата во Чаир и Топанско поле”, истакна Арсовска.

Арсовска рече дека ќе понуди услови за сигурно и безбедно користење на велосипеди преку изградба на нови велосипедски патеки што ќе го поврзат Чаир со Центар и Бутел, но, исто така кажа и дека ќе ги реши постоечките проблеми во некои заборавени делови од општината.

„За мене е неприфатливо во сите делови на Скопје да нема еднакви услови за живот и за развој, а во овој дел од градот сè уште има луѓе што живеат супстандардно, без фекална и атмосферска канализација и се мачат со водоводот. Треба да направиме сè што е возможно да имаат услови за квалитетен живот во главниот град”, истакна Арсовска.

Во оваа општина според програмата на Арсовска ќе биде еден од петте мега-паркови во градот, по примерот на Градскиот парк во Скопје, а со посебни активности Арсовска ќе ја заживее и Старата скопска чаршија.

„Нема да ја заборавиме ниту Старата чаршија. Ние мораме да ги вратиме луѓето во чаршијата. Да ја вратиме душата на Скопје и истата да стане култно место. Градот ќе посвети дополнителна грижа, во рамки на своите надлежности, за зачувување и популаризација на Куршумли Ан, Капан Ан, Сули Ан, Чифте Амам, Даут-пашин Амам и Безистенот. Ќе работиме и за целосно соодветно осветлување на чаршијата, поддршка и промоција на старите занаети, олеснување на пристапот до чаршијата и нејзина популаризација повторно да биде центарот на сите случува во Скопје. Ќе дадеме и поддршка за организирање на голем број културни настани на просторот на Старата чаршија. Скопје ќе биде модерен град, но за сите скопјани тоа е мојата визија за Скопје, треба да биде град на соживотот и град на солидарноста”, потенцира Арсовска.

Share
Scroll to Top