На денешниот настан по повод потпишување на Меморандум за соработка помеѓу Градот Скопје и Агенцијата на САД за меѓународен развој, за проектот за воспоставување ново партнерство и овозможување подобро општинско буџетирање, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, истакна дека оваа соработка е значајна за да се зајакне одржливоста на локалните самоуправи.
„Како претседателка на ЗЕЛС и градоначалничка на Скопје, во континуитет се залагам за создавање на поефикасни и поефективни институции на локално ниво, но мора и да се потенцира потребата од континуиран развој на политиките кои се воспоставуваат на национално ниво, со цел градење подобра соработка меѓу институциите од националната и локалната власт, како и за зајакнување на ефективноста и транспарентноста во работењето на општините“, посочи Арсовска.
„Верувам дека со овој меморандум за соработка, заедно ќе овозможиме подобрување на функционалноста на локалната даночна администрација и зголемување на наплатата на приходите од сопствени извори. Ова е од особена важност за одржлив и инклузивен општествен и локален економски развој, но и чекор кон зголемување на општествената одговорност на сите општествените чинители“, додаде скопската градоначалничка.