Архангел Михаил ги мери човечките гревови, а старо верување открива каква ќе биде зимата

Архангел Михаил ги мери човечките гревови, а старо верување открива каква ќе биде зимата

пред 36 минути

Православните христијани денеска, 21 ноември, го празнуваат Свети Архангел Михаил, познат и како Арангеловден – една од најчестите семејни слави кај македонскиот народ. Празникот е посветен на архангелот кој, според христијанското предание, застанал на чело на небесната војска во борбата против злото.

Според народните верувања, на овој ден треба да се помолите за здравјето на себе и на најблиските, но и да им простите на оние што ви згрешиле.

Именден празнуваат Ангел, Ангеле, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна и Ратка.

Кој бил Архангел Михаил и зошто е претставен со меч?

Според христијанското предание, пред создавањето на материјалниот свет – земјата, небото, ѕвездите и човекот – Бог ги создал ангелите. На почетокот сите биле добри, но дел од нив се одметнале од Бога и почнале да прават зло, поради што биле познати како паднати ангели.

Архангел Михаил е познат и како војвода на ангелите. Кога Луцифер се побунил против Бога и повлекол дел од ангелите со себе, Михаил застанал на чело на оние што останале верни и ја предводел борбата против злото.

Поради тоа, на фреските и иконите најчесто е прикажан како воин со меч. Според некои верувања, нему му е доверена и задачата да ги зема човечките души кога ќе им дојде последниот час.

Легенди за чудотворните исцелувања

Во народните преданија се раскажуваат и приказни за чудотворните исцелувања поврзани со Архангел Михаил. Една од нив зборува за маж кому архангелот му се јавил на сон и му кажал дека неговата ќерка ќе оздрави доколку се измие на одреден извор.

Како едно од неговите чуда се споменува и спасувањето на момчето Василиј Карастирис, кое паднало и тешко ја повредило главата. Била неопходна итна операција, а лекарите предвидувале дека момчето може да остане слепо и со парализирана рака и нога.

Според приказната, додека го подготвувале за операција, Василиј видел силна светлина, во која се појавил храм со високи ѕидови. Пред него стоел Архангел Михаил, кој му рекол:

„Дојди тука, Василиј! Не плаши се, ќе оздравиш. Јас ќе ја водам раката на лекарот и операцијата ќе биде успешна“.

Момчето навистина оздравело. Според преданието, операцијата била извршена токму на 21 ноември, на денот кога се празнува Свети Архангел Михаил.

Какви обичаи и верувања се поврзуваат со празникот?

Култот кон Архангел Михаил е особено распространет меѓу православните народи, а доказ за тоа се бројните цркви и манастири посветени на него.

Според едно старо верување, при поделбата на улогите меѓу светците, Архангел Михаил ги добил есента и зимата, односно периодот на студот и зимските тешкотии.

Во некои народни преданија се верува дека во овој период архангелот талка низ светот преправен во просјак, со цел да ги испита луѓето, да ги разобличи неверниците и да им помогне на оние што се во неволја.

Во минатото, во некои краишта на овој ден се колел курбан и се приредувале гозби за гостите. Во охридскиот крај, пак, постоел обичај на Арангеловден да се колат свињите што биле посебно одгледувани за зимата.

Според народните преданија, Свети Архангел Михаил стоел пред рајските порти со вага и меч. На вагата ги мерел добрите дела и гревовите на човекот, а од тоа што ќе претежнело зависела судбината на неговата душа – дали ќе замине во рајот или во пеколот.

Постои и верување дека времето на Арангеловден ја најавува претстојната зима. Според старото народно толкување, какво што е времето на овој празник, такво ќе биде и во текот на зимската сезона.

За верниците, најважно е празникот да го поминат во молитва, со желби за здравје, мир и благосостојба на семејството.

Текстот Архангел Михаил ги мери човечките гревови, а старо верување открива каква ќе биде зимата е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top