Поранешниот обвинител од специјалното јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, ги отфрла сите наводи за какво било влијание и вели дека стои зад секоја одлука која ја донел. Ваквата реакција доаѓа по изјавите на негова поранешна колешка. Бубевски вели дека побарал извинување од неа, а ако не го направи тоа ќе поднесе тужба за клевета.
„Најостро ги демантирам клеветите и измислените наводи изнесени од адвокатката Лејла Кадриу во интервју во емисијата “Вечерното шоу на Богдан Илиевски” на ТВ Алфа, емитувано на 07.02.2026 година. Наводите кои се однесуваат на моето постапување и на работата на поранешното СЈО се невистинити и креирани со цел да наштетат на мојот личен и професионалениот углед, за што веднаш по емисијата иницирав постапка со која од неа побарав извинување за јавно изнесените лаги. Доколку не добијам извинување во законски предвидениот рок, ќе поднесам граѓанска тужба за клевета и во суд ќе се докаже дека се што беше кажано во наведената емисија е апсолутна невистина. Иако сметав дека изнесените клевети не заслужуваат да им се дава јавно внимание, сфаќам дека нашето општество веројатно не е доволно отпорно на лаги“, вели Бубевски.
Тој додава дека секогаш користел еден мобилен телефон кој го знаат новинари и многу граѓани.
„Вистината е дека јас никогаш во мојот живот не сум имал 4 мобилни телефони. Додека бев јавен обвинител во СЈО имав еден телефонски број кој го користев за цело време додека бев во тоа обвинителство. По враќањето во ОЈО Скопје исто така користам само еден телефон. Мојот единствен, во моментов приватен телефонски број го знаат сите новинари и многу граѓани, бидејќи вистински верувам во начелото на транспарентност и на тој телефон секогаш сум бил и останувам отворен и достапен за сите прашања“, вели Бубевски.
Тој, исто така, додава дека во голем дел од ситуациите кои биле претставени, како што е предавањето на прислушуваните материјали во СЈО, тој лично воопшто не бил присутен, за што вели дека има и соодветни докази.
„На страна од тоа, записник за тие материјали постои и тој е дел од доказите во предметот Таргет-Тврдина. Од позиција на поранешна јавна обвинителка за чие оддалечување најпрвин од СЈО, а потоа и од редовното обвинителство, причините се многу добро познати во јавнообвинителската организација, каде и се водени и соодветни постапки за одговорност, Кадриу се обидува да го загрози мојот професионален интегритет и да влијае врз моето извршување на јавнообвинителската функција. Мотивите за овој и други вакви слични настапи мене ми се јасни, но немам намера во ниту еден момент да им подлегнам на тие лаги и манипулации. Ќе ги искористам сите законски механизми за заштита, како што веќе направив и поднесов тужба и за лагите изнесени од уште еден адвокат – поранешен обвинител кој јавно настапува со истите намери и мотиви“, вели Бубевски.
Додава дека очекува во судска постапка да се докаже вистината наспроти лагите со кои, како што вели, „храбрите“ поединци ја манипулираат јавноста подолг временски период, а со тоа да се утврди и нивната кредибилност како извори за информации во медиумите по однос на вистинските состојби во правосудството.
Текстот Бубевски: Стојам зад секоја одлука која сум ја донел, за навредите ќе поднесам тужба ако не добијам извинување е превземен од МАКФАКС.






