Ванчо Чифлиганец денеска по втор пат ја доби највисоката награда 6 Ноември која ја доделува Општина Радовиш.
Чифлиганец е бизнисмен, сопственик на градежната компанија Адора инженеринг и најголем акционер во Комерцијална банка, хуманист, филантроп, кој има вложено над 5 милиони евра во поддршка на образованието, здравството, науката, спортот, културата во земјава, од кои значаен дел и во неговиот роден Радовиш.
„Ќе ни треба многу време за да ги наброиме донаторските акции, спонзорства, поддршката што и денеска Чифлиганец несебично им ги дава на голем број граѓани од Радовиш и Радовишко, за обнова на целосно опожарената куќа во село Дедино на семејството Трајкови, донации за голем број спортски клубови во речиси сите спортови, борење, ракомет, баскет, џудо, стрелаштво, алпинисти и на младитеспортисти. Особено се значајни донациите во образованието, градинките и училиштата, со опрема, од училишни клупи и столчиња, до смарт табли, компјутери, таблети за реализирање на наставата во услови на пандемија, како што беше една од последните донации во октомври годинава“, се вели во образложението за наградата подготвено од Советот на Општина Радовиш.
Во него се додава и дека граѓаните на Радовиш добро го паметат времето кога Чифлиганец бил на чело на рудникот „Бучим“ како генерален директор, десет години во кои, како што се вели, Радовиш доживел ренесанса.
Заблагодарувајќи се за наградата, Чифлиганец истакна дека е горд на своите сограѓани и дека енергијата сите овие години ја црпи токму од неговото родно место Раклиш, Радовиш и од сите граѓани од Радовишко.
Тој им порача на младите да бидат толерантни и да градат пријателства, а непријателите и оние што се против нив, да ги освојуваат со дела.
„Мојот слоган уште од 1994 години е Само делата се вистина, а во последните 20 години не застанав со работа и градење добри дела и тој слоган го надградив со Како каменот што тежи на своето место, така човекот тежи со своите дела. Оваа реченица е водилка на мојот живот“, истакна Чифлиганец.