Поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски упорно повеќе од две недели молчи за шверцуваниот тутун на граничниот премин Деве Баир, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Николовски.
„Сто тони тутун или пет шлепери се влезени во Република Македонија на граничниот премин Деве Баир, преку фирмата Студенац Шпед која е во сопственост на близок пријател на Љупчо Николовски и градоначалникот на Крива Паланка. Денеска сакаме да истакнеме нови информации во врска со овој шверц на тутун и се сомневаме дека директно Љупчо Николовски е вмешан во овој случај. Зошто? Проследете и заклучете сами, а Николовски нека одговори на прашањата. Најпрвин, шверцот е извршен во периодот во првата половина на 2019 година заклучно со месец мај. Тоа е период кога Љупчо Николовски е сеуште актуелен министер за земјоделие. Потоа, фирмата Студенац Шпед не ги исполнувала условите за увоз на тутун, согласно упатството издадено од фитосанитарниот инспекторат. Иако не ги исполнувала условите, сепак најверојатно некој од министерството одобрил односно ургирал како што знаат по телефон што и самите веќе од СДСМ си кажуваат да се увезе тутунот и за тоа директно е одговорен Љупчо Николовски“, рече Арсовски.
Тој прашува дали Љупчо Николовски директно влијаел да се прошверцуваат сто тони тутун?
Според Арсовски, царинските службеници кои го царинеле тутунот, се блиски до СДСМ и пред одредено време како награда биле унапредени во раководител на царинската управа на ГП Деве Баир и другиот цариник како заменик раководител на Царинската управа на Деве Баир.
„Ова е доволен показател дека биле исполнителни во извршувањето на наредбите од своите партиски надредени. Впрочем сите видовме како Заев по телефон наредува да се пуштат возила на граница. За овој случај имаше и потврда од Царинската управа, дека се случил ваков шверц на околу сто тони тутун, кој никој не знае каде завршил и сите молчат. Кога се фатени во некој криминал единствено што знаат е да молчат и да се молат дека некој нема да отвори случај“, рече Арсовски.
Додаде дека обвинителството, инспекторатите и антикорупциската комисија сериозно треба да се позанимаваат со овој случај којшто, како што кажа, е еклатантен пример на шверц.