Вицепремиерот Фатмир Битиќи учествуваше на панел дискусијата „Јавни и приватни инвестиции и конкурентност“, која се одржа во рамките на „Првата годишна конференција на Министерството за финансии – Економско заздравување и раст по Ковид“, на која го елеборираше и Интервентниот план за инвестиции до 2027 година, со кој се планира побрз и одржлив економски раст на Република Северна Македонија.
„ Со интервентниот план за инвестиции ќе делуваме на економскиот развој во пост ковид периодот и ќе се фокусираме на повеќе цели. Главна цел ќе ни биде да ја поттикнеме конкурентноста на локално ниво, за да бидеме конкурентни и атрактивни како дестинација, но не само како поединечна земја, туку на ниво на регион. На овој начин ќе влијаеме да ја подигнеме и конкурентноста на целиот регион, наместо да создаваме конкуренција помеѓу земјите од регионот“, нагласи Битиќи.
Вицепремиерот зборуваше и за тоа кои мерки се креирани за да се влијае на отпорноста на економијата на евентуални идни кризни состојби, а ги посочи и активностите кои ги презема Владата за да се намали притисокот врз јавниот долг и да се одржи ликвидноста на буџетот.
„ Единствениот пат кон побрзо економско заздравување во пост-ковид периодот е регионалниот пазар, земјите од Западен Балкан да станат важен дел од глобалните синџири на производство. Во таа насока, сите ние, како земји се обидуваме да работиме на креирање на конзистентни економски политики. Го подготвивме среднорочниот план за управување со јавен долг, среднорочниот план за забрзување на економскиот раст, а заедно со тоа го подготвивме и интервентниот план за инвестиции. Сето ова заедно, треба да одговори на прашањата поврзани со јавниот долг, да го потигнеме нивото кое го имавме пред почетокот на Ковид-19 кризата. Во исто време овозможуваме шанса на нашата економија да го достигне нивото на кое мислиме дека треба да биде: да се овозможи забрзан иодржлив економски раст, со кој значително ќе се подобри квалитетот на животот на нашите граѓани “, посочи вицепремиерот Битиќи.