Секојдневно сме сведоци на живи или угинати глодари пред нашите влезови, училишта, паркинзи, тротоари и пешачки патеки во општина Центар, вели Ана Хаџиевска од ОК Центар на ВМРО-ДПМНЕ. Хаџиевска јавно праша дали градоначалникот Горан Герасимовски потфрлил со дератизацијата.
„Горан Герасимовски и неспособните кадри на СДС се на чекор да ја вратат општината во 15-ти век. Период засекогаш запомнет поради болестите кои ги пренесувале овие животни. Мене, како мајка, особено ме загрижува последниот пример со инфестацијата кај основното училиште ’Јохан Хајнрих Песталоци’. Вистински ризик за најранливите, ризик за здравјето на нашите најмили. Да не заборавиме дека во непосредна близина се наоѓа и градинката 13 Ноември, со што во опасност се ставени и најмалите деца. Градоначалникот Герасимовски е должен да одговори како ние, родителите, да ги пуштиме своите деца надвор да си играат, а притоа да не се сомневаме дека нема да дојдат во контакт со површини на кои се движат глувци и стаорци? Должен е да одговори дали ја гарантира безбедноста и здравјето на учениците во ’Песталоци’?“, рече Хаџиевска и нагласи дека според член 15 од Закон за Град Скопје, дератизација е надлежност на општините, па прашање е дали градоначалникот и Општина Центар потфрлаат во надлежностите и обврските со кои се задолжени.
Според неа, ваквата состојба не е случајност туку е резултат на мрзеливоста и неспособноста на Горан Герасимовски и неговите сопартијци кои успеале да направат центарци да се срамат од она во што се претовра општината.
Градоначалникот Герасимовски вчера извести дека од почетокот на годината Општината спровела редовна пролетна дератизација на целата своја територија, како и две вонредни акции на локации каде што беше забележано зголемено присуство на глодари. Последната вонредна дератизација е направена пред еден месец, а за в понеделник Герасимовски најави уште една вонредна дератизација додека редовната есенска дератизација е планирана за во октомври.
Текстот (Видео) Герасимовски е на чекор да ја врати општината во 15 век оти глодари се шетаат по влезови, училишта и паркинзи, обвини Хаџиевска е превземен од МАКФАКС.





