Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на прес конференција со Мицкоски јавно потврди дека местото на Македонија е во Европската Унија, заедно со македонскиот јазик, култура и идентитет што уште една потрда на она што говори СДСМ, рече на денешната прес-конференција заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова – Пановска.
„Денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пред сите, пред целата јавност, кажа дека местото на Македонија е во Европската Унија. Пораката на фон дер Лајен го потврдува она што СДСМ го говори од 2022 година — дека Европската Унија е унија на различности и дека европскиот пат подразбира целосно признавање на македонскиот јазик и идентитет. Воедно, фон дер Лајен кажа дека тие во Европската Унија нè чекаат нас со широко отворени раце, заедно со нашиот јазик, со нашата култура и со нашиот идентитет“, додаде таа.
Таа кажа дека пристапните преговори биле отворени во 2022 година, а скрининг-процесот бил заокружен во 2023 година, за време на Владата предводена од СДСМ.
„ВМРО и Мицкоски, пак, ширеа хистерија за наводно предавство и ветуваа враќање на името, раскинување на Преспанскиот договор и подобри преговарачки позиции.Нè викаа нас предавници. Велеа дека ќе го вратат името. Ветуваа дека ќе го раскинат Преспанскиот договор, ветуваа дека ќе обезбедат подобри преговарачки позиции. И што се случи? Дојдоа на власт. По доаѓањето на власт, Преспанскиот договор за нив стана ремек-дело на дипломатијата. Ветувањата за подобри преговарачки позиции се претворија во блокиран европски процес“, рече Каранфилова – Пановска.
Одолговлекувањето, додаде таа, ја влошува позицијата на Македонија.
„Наместо исчекор во преговорите со Европската Унија, Мицкоски доби упатување кон билатерални разговори со Бугарија. Наместо европеизација добивме билатеризација. Колку се повеќе го одолговлекуваме процесот, позицијата на Македонија ќе се влошува. И тоа денеска се случи“, рече Каранфилова – Пановска.
Додека другите земји кандидати напредуваат и отвораат кластери, додаде, Македонија останува без патоказ.
„Македонија, за жал, после 30 години сериозна стратешка определба, битки и жртви на патот за Европската Унија, ќе остане без патоказ. Блокадата има последици за иднината на државата: младите и бизнисите заминуваат, а граѓаните остануваат посиромашни. Зад изјавите за наводна заштита на идентитетот останува блокиран европски пат, за кој одговорноста ја носат ВМРО и Христијан Мицкоски“, рече Каранфилова – Пановска.
Текстот (Видео) Каранфилова – Пановска: Фон дер Лајен потврди дека ЕУ го признава македонскиот идентитет е превземен од МАКФАКС.





