Преспа форум дијалогот што пред неколку дена се одржа во Охрид е историски важен настан кој носи зајакнување и дополнителна афирмација на нашите меѓународни позиции, истакна денеска портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
„Како никогаш досега сведочиме на силна, и на дело потврдена поддршка од нашите сојузници од западниот свет. Сите наши најважни меѓународни сојузници, во срцето на словенската писменост – Охрид, потврдија дека македонскиот идентитет и јазик се прашање кое е затворено и кое не може да биде услов за напредокот кон ЕУ“, истакна Костадинов.
Костадинов посочи дека на целиот свет му е јасна цврстата определба да не се задира во македонскиот идентитет и јазик во изнаоѓањето решенија за продолжување на патот кон ЕУ.
„Нашите црвени линии се јасно поставени, а впрочем тоа го докажува и односот на Бугарија во изминатиот период и почитта која ја добиваме од нашите сојузници. Ставовите на СДСМ, на Владата се јасни и повеќе пати повторени како дома, така и надвор-интеграција во ЕУ само како Македонци, со потврден македонски јазик и идентитет“, рече Костадинов.