Општина Бутел е целосно заборавен општина. Поминаа четири години од мандатот на градоначалникот во обид, Велимир Смилевски. Четири години лаги и класична неспособност на дело, обвини пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски.
Тој нагласи дека Смилевски предизборно ветувал десетина покрупни проекти за општина Бутел, а од нив немало ниту трага.
„ Оттаму нема ниту логика да зборуваме за процент на реализација на неговата предизборна програма. Одговорно тврдам Смилевски нема реализирано буквално ништо од ветеното“ рече Костовски.
Ветената поликлиника, како што додаде, ќе остане една од поголемите лаги во историјата на општина Бутел, додека пак ветените гасификација и парно греење, според Костовски, се класични политички измами кои граѓаните нема да му ги простат.
„ Смилевски вети нови детски градинки, паркови, плоштади, спортски комплекси, уредување на коритото на реката Серава, противпожарен пункт, нова полициска станица, сето наведено од ветување прерасна во безобразна политичка лага која максимално го спушти стандардот за локални избори во нашата општина Бутел. Градоначалникот во обид Велимир Смилевски во населените места Бел Камен и Кучевачка бара вети канализација, додека пак во селото Љуботен Велимир Смилевски заедно со неговиот шеф Зоран Заев на еден собир сурово ги прелажаа мештаните и ветија дека прв приоритет ќе им биде поставување на водовод во селото. Секако ништо од тоа“ изјави Костовски.
Тој посочи дека општината за четири години потрошила речиси 2 милиони евра за непотребни, непродуктивни привремени вработувања и со тоа е државен рекордер по привремени вработувања.
„ Бутелчани знаат дека еден градоначалнички мандат не смее да се сведе на асфалтирање на неколку улички, променување на улични светилки и префарбување на училишни огради. Токму затоа за многу скоро граѓаните на општина Бутел непосредно ќе ги казнат СДСМ и Смилевски како најнеспособна комбинација која владеела со општина Бутел. Овие залудно потрошени 4 години ќе мора да се вратат со многу добар план, многу работа и чесност“ порача Костовски.