Премиерот, Христијан Мицкоски, со лет на „Визер“ од Скопје пристигна во Будимпешта. Според него, повторното воспоставување на линија Скопје – Будимпешта претставува значаен чекор кон подобрување на регионалната поврзаност, економската соработка и развојот на туризмот.
„Повторното воспоставување на линија Скопје – Будимпешта претставува значаен чекор кон подобрување на регионалната поврзаност, економската соработка и развојот на туризмот. Дополнително, македонските граѓани можат слободно да патуваат, што значително ќе ја олесни мобилноста, ќе поттикне културна размена. Ваквите иницијативи се важен чекор кон зајакнување на меѓународната соработка и приближување кон европските стандарди“, објави Мицкоски.
Мицкоски, заедно со владина делегација, денес престојува во политичко-економска посета на Будимпешта, Унгарија.
Во рамки на посетата Мицкоски ќе оствари средба со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, на која ќе се разговара за унапредување на билатералните односи, економската соработка и актуелните регионални и европски прашања.
Потоа, премиерот ќе има свое обраќање на бизнис форумот во Будимпешта, насловен „Ден на деловна соработка помеѓу Унгарија и Северна Македонија“, каде ќе се воспостават нови контакти и ќе се разгледаат можностите за продлабочување на економската соработка меѓу унгарските и македонските компании.
Во состав на владината делегација се и вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Рефик Џемаили, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски, како и директорката на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, Даниела Димовска.
Текстот (Видео) Мицкоски со „Визер“ слета во Будимпешта: „Повторното воведување на линијата е значаен чекор“ е превземен од МАКФАКС.





