(Видео) Мицкоски: Ќе продолжиме со реформите и ќе бидеме први по нивната реализација

(Видео) Мицкоски: Ќе продолжиме со реформите и ќе бидеме први по нивната реализација

пред 3 часа

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата ќе продолжи со спроведување на реформите и дека останува посветена на европската интеграција, но без, како што рече, деструктивни и безусловни отстапки на штета на националните интереси.

Одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на Охрид, во контекст на евроинтегративниот напредок на Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина, Мицкоски рече дека Владата има принципиелен став за европскиот пат на земјата.

„Оваа Влада има принципиелен став. Ќе продолжиме со реформите и ќе бидеме први по нивната реализација. Ако некој смета дека оваа држава, која се наоѓа во срцето на Балканот, со мирољубив народ, вредни граѓани домачини и домачински и посветени луѓе, треба да биде дел од Европската Унија, тогаш ние сме подготвени да направиме сè што е конструктивно, но не и деструктивно“, изјави Мицкоски.

Премиерот посочи дека истиот став го повторил многупати досега и најави дека Владата во наредниот период ќе остане фокусирана на реализација на проекти што, според него, се во интерес на државата и граѓаните.

Критики за претходната Влада

Мицкоски ја обвини претходната власт дека ја довела државата во сегашната позиција со прифаќањето на, како што рече, асиметричен предлог во однос на националните интереси на граѓаните и на државата што не успеа да го реализира.

„Јас единствено чувствувам одговорност единствено пред граѓаните. А граѓаните во овој момент ја даваат својата поддршка на политиките што ги води оваа Влада, а политиките на оваа Влада се да го испорача она што може да го испорача и тоа го покажаме, покажавме и со декемврискиот извештај, а ќе го покажеме и со јунскиот извештај – дека, во суштина, сме најнапредната држава во регионот кога станува збор за спроведување реформи. За мене, промена на Уставот и прифаќање на она што го прифати претходната Влада не е реформа. Нашиот став е јасен и прецизен. Граѓаните очекуваат лидерството на македонската Влада да го заштити македонскиот национален идентитет. Ние токму тоа и го правиме. Нема цена по која би правеле безусловни отстапки“ кажа тој.

Мицкоски додаде дека додека е на функцијата нема да стави, како што рече, „безусловен потпис“ на договореното од претходната Влада.

„Безусловно да ставам потпис на нешто што го прифати претходната Влада или т.н. капитулација, додека сум на оваа функција, нема да направам. На крајот, ќе дојдат избори. Граѓаните ќе го кажат својот суд. Ако сметаат дека сум погрешил, ќе гласаат за спротивната политичка опција. Ние ќе заминеме во опозиција, а јас ќе се повлечам од политиката. Но, мислам дека народот е уморен од национални отстапки без какви било гаранции за исполнување на конечната цел. Народот е уморен и исфрустриран од континуирани ветувања и неисполнети надежи што се случуваа изминатте години, па и со децении“, порача Мицкоски.

Текстот (Видео) Мицкоски: Ќе продолжиме со реформите и ќе бидеме први по нивната реализација е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top