(Видео) Мицкоски: 2026 година ќе биде година на преобразба, државата има потреба од одговорност

(Видео) Мицкоски: 2026 година ќе биде година на преобразба, државата има потреба од одговорност

пред 6 часа

Годината што ја испраќаме не беше лесна, таа беше година на сериозни предизвици. Година во која државата мораше прво да застане на нозе. После долг период на нестабилност, несигурност и на разнишани институции, беше неопходно да се направи стабилизација и консолидација.
Тоа беше услов без кој не можеше да се оди понатаму.

Во текот на оваа година, многу работи се поместија од мртва точка. Работевме тивко, системски и одговорно. Се поставуваа темелите, се расчистуваа наследени состојби, истакна премиерот Христијан Мицкоски во неговото новогодишно обраќање.

Се носеа одлуки кои не секогаш беа лесни но беа исправни.

„Го зајакнувавме институционалниот капацитет на државата и ја враќавме логиката на ред, закон и одговорност. Посебен акцент беше ставен на правната држава.
Започнавме процеси кои значат воспоставување на еднаквоста пред законот и јасни правила што важат за сите“.

Започнатите реформи како што рече Мицкоски, не се козметички, туку се длабински и суштински.

„Таквите реформи бараат време, но тие се предуслов за функционална држава и здраво општество.

Свесни сме дека за граѓаните најважно е како тоа се чувствува во секојдневниот живот.
Оваа година ја гледаме како година на подготовка и поставување основа, а годината во која влегуваме како година на видлива реализација. Со право можам да кажам дека 2026 година ќе биде година на раздвижување и година на преобразба. Година на раст, со реализација на значајни инфраструктурни проекти.

Година на економско зајакнување, со нови инвестиции, поддршка за стопанството и отворање можности за работа и развој. Година на вкупна преобразба на Македонија.

Година на политичка стабилност во која институциите ќе функционираат појасно, поефикасно и поодговорно. Година на вкупна преобразба на Македонија“.

Не ветуваме чуда, посочи Мицкоски, туку напорна работа.

Не сме среќни, додаде тој во обраќањето, што политичката сцена не секогаш ја отсликува зрелоста што ја заслужува државата.

„Но верувам дека со тек на време ќе созрее и свеста дека националните интереси, иднината на граѓаните мора да бидат над сѐ. Државата има потреба од одговорност, сериозност и заедничка грижа за општото добро. Пред нас е нова година. Година на надеж, но и на голема обврска. Обврска да се испорачаат резултати. Обврска да се продолжи по патот на реформи, развој и стабилност!
Да влеземе во 2026 година со верба дека напорната работа ќе се исплати и дека Македонија ја движиме во вистинската насока“.

Текстот (Видео) Мицкоски: 2026 година ќе биде година на преобразба, државата има потреба од одговорност е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top