(Видео) Мојсоска: ДПМНЕ им брои залаци на студентите, а милион евра троши за владини настани

(Видео) Мојсоска: ДПМНЕ им брои залаци на студентите, а милион евра троши за владини настани

пред 5 часа

Пратеничката Јована Мојсоска од Левица на расправата за ребалансот на Буџетот посочи дека владејачкото мнозинство одбива да обезбеди средства за зголемување на субвенционираниот студентски оброк, додека истовремено троши речиси еден милион евра за техничка поддршка на владините настани.

Левица, додаде таа, поднесе амандман со кој бара дополнителни 4,9 милиони евра за зголемување на студентскиот оброк, кој веќе три години изнесува само 140 денари дневно, и покрај постојаниот раст на цените и трошоците за живот. Очекувано, кажа, пратениците на ДПМНЕ не го поддржаа амандманот, со што уште еднаш, како што оцени, покажаа дека нивните ветувања за младите завршуваат таму каде што треба да почне конкретната буџетска поддршка.

„ДПМНЕ се однесува како сè уште да е во опозиција, барајќи оправдувања и префрлајќи ја одговорноста за нерешените проблеми врз други, иако токму тие денес ја имаат власта и одговорноста да ги решаваат. Наместо да ја исполнат законската обврска и да обезбедат повисок студентски оброк, продолжуваат да се кријат зад изговори“.

Мојсоска посочи дека проблемот не е во потребата од нов модел за студентски оброк, како што најавува министерката за образование и наука, Весна Јаневска, туку во непочитувањето на веќе постојниот закон. Согласно законската одредба, износот на субвенционираниот студентски оброк треба да се усогласува со инфлацијата по секоја фискална година, пред донесувањето на Буџетот за следната година.

„Дали ние денес во Собраниево дебатираме за тоа да се почитува веќе донесен закон? На студентите не им треба дебата, ниту средби со министерката, туку почитување на законот. Вашите средби со студентите нема да им го вратат тоа што две години наназад се оштетени“, истакна Мојсоска.

Според пресметките на Левица, во изминатите три години студентите се оштетени за вкупно 6,5 милиони евра поради неизвршеното зголемување на оброкот. Мојсоска ја отфрли и аргументацијата дека претходното студентско раководство барало проширување на опфатот на корисници наместо зголемување на износот, нагласувајќи дека овие мерки не се меѓусебно исклучиви.

Особено лицемерно е, додаваат од партијата, што истата власт која постојано зборува за потребата младите да останат во Македонија, одбива да обезбеди услови за нивно достоинствено живеење. Додека Мицкоски ги повикува младите да ја градат својата иднина во државата, студентите се принудени да бараат зголемување на оброкот што не е усогласен со инфлацијата, оценуваат во Левица.

Мојсоска направи директна споредба со расходите за владините настани, посочувајќи дека Генералниот секретаријат на Владата, под раководство на Игор Јанушев, склучил тендер вреден речиси еден милион евра за изнајмување и техничка поддршка на опрема за владини настани.

„Кога треба да се трошат пари за владините набавки, тогаш има пари. Вашата Влада, со потпис на Игор Јанушев, имаше тендер од еден милион евра за изнајмување техничка поддршка на опрема за владини настани. Значи, имате пари за бимови, видеоѕидови и светлосни ефекти, ама трошките на студентите ќе им ги броите“, порача Мојсоска.

Таа остро реагираше и на обидите да се контролира за што студентите ги трошат средствата од субвенционираниот оброк, додека Владата одбива да го зголеми износот согласно растот на цените.

„Ќе им ги броите залаците на студентите, а за владините настани ќе трошите милион евра. Младината не се задржува во оваа држава со видеоѕидови и скапи прес-конференции, туку со соодветен животен стандард, на кој вие нема да им ги броите залаците“, истакна Мојсоска.

Левица предупредува дека декларативните пораки за младите немаат никаква вредност доколку не се преточат во конкретни мерки и буџетска поддршка. Со одбивањето на амандманот, ДПМНЕ повторно покажа дека и по доаѓањето на власт продолжува да се однесува како опозиција, без да преземе одговорност за проблемите што самата е должна да ги решава.

Текстот (Видео) Мојсоска: ДПМНЕ им брои залаци на студентите, а милион евра троши за владини настани е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top