Антинародното ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи против работниците, против граѓаните и нивните интереси, изјави денеска Лолита Ристова, пратеничка од редовите на СДСМ.
„Со денови пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во Комисијата за труд и социјална политика ги кочат измените на Законот за работни односи за недела неработен ден. Што има ВМРО-ДПМНЕ толку против работниците што упорно ги кочи овие законски измени? Овие законски измени овозможуваат 92 отсто од вработените да одмараат во недела и да создадат рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот живот. Од каде толку злоба кај ВМРО-ДПМНЕ кон овие работници кои чесно си ја заработуваат платата? Не е ова ништо ново од ВМРО-ДПМНЕ. Тие се уште се противат 4.700 наставници и стручни соработници во образованието да добијат трајно вработување“, истакна Ристова.
Според Ристова, ВМРО-ДПМНЕ е против работниците, против наставниците, против здравственииот персонал, против припадниците на Армијата.
Едноставно, на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не им е важен никој, вели таа, не им е важно ништо освен, како што додава, нивните лични и партиски интереси.
„Со вакво неодговорно, деструктивно однесување на штета на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ предводена од Мицкоски ја чека нов пораз од граѓаните“, потенцира Ристова.