(Видео) СДСМ обвини за операција за враќање на Груевски: Мицкоски е чувар на фотелјата, велат од партијата

(Видео) СДСМ обвини за операција за враќање на Груевски: Мицкоски е чувар на фотелјата, велат од партијата

пред 6 часа

СДСМ денеска на прес-конференција преку членката на Извршниот одбор, Симона Цветановски, обвини дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува, како што рекоа, внимателно планирана операција за рехабилитација и враќање во земјата на поранешниот премиер Никола Груевски.

„Очигледни се напорите на ВМРО да го рехабилитираат и вратат во земјата осудениот бегалец Никола Груевски. Христијан Мицкоски е привремен чувар на фотелјата за вистинскиот газда на ВМРО. Станува збор за внимателно планирана операција која ги поткопува темелите на нашата правна држава“, рече таа.

Според неа, првиот сигнал е можната промена на политичките околности во Унгарија и губењето на, како што рече, политичкиот штит што му овозможувал заштита од екстрадиција.

Вториот чекор, според СДСМ, е укинувањето на потпретседателските позиции во ВМРО-ДПМНЕ, што Цветановски го оцени како стратешки потег за елиминирање на внатрешната конкуренција и подготовка на теренот за враќање на Груевски на чело на партијата.

Третиот елемент, како што посочи, е нападот врз предметите што ги водеше Специјалното јавно обвинителство и, според неа, обид за дискредитација на СЈО и пресудите поврзани со поранешниот премиер.

Како четврта точка, Цветановски ја наведе изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека ова му е последен мандат како претседател на партијата и дека нема да го менува статутот.

„Овие маневри не се само партиска игра. Тие се директен напад врз владеењето на правото“, истакна Цветановски, додавајќи дека, според СДСМ, се носат правосудни закони што не се во согласност со препораките на ЕУ и се вршат кадровски поставувања во обвинителството блиски до ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ засега нема реакција на овие ставови.

Текстот (Видео) СДСМ обвини за операција за враќање на Груевски: Мицкоски е чувар на фотелјата, велат од партијата е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top