(Видео) Тренчевска: Правото на безбедна и сигурна работа суштествен дел од работничките права

пред 3 години

Унапредувањето на работничките права и заштита на достоинството на трудот е нешто кон кое сериозно се стреми нашата држава изминативе години, изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на работилницата „ Усогласеноста на македонското законодавство со Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот за елиминирање на насилството и вознемирувањето во светот на работата, бр.190“, организирана од Меѓународната организација на трудот и Здружението за трудово и социјално право.

Таа истакна дека Министерството за труд и социјална политика го следи развојот на модерното трудово право и новите стандарди во регулирањето на работните односи со цел воведување во нашиот правен систем и обезбедување на целосна и навремена заштита на сите работници во Северна Македонија. Примената на современите стандарди на трудот овозможува работниците да ги имаат истите права со нивните колеги од најразвиените демократски земји.

„ Правото на безбедна и сигурна работа и работна средина се суштествен дел од тие права и затоа Министерството работи на нивно овозможување преку две иницијативи: Спроведување на процесот за ратификација на Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот за елиминирање на насилството и вознемирувањето во светот на работата, бр.190 и донесување на нов закон за заштита од вознемирување на работно место,“ изјави Тренчевска.

Таа информираше дека, Конвенцијата за елиминирање на насилството и вознемирувањето на работното место е првиот меѓународен инструмент кој го адресира насилството и вознемирувањето при работа.

„ Конвенцијата го признава правото на секое лице на свет на работа без насилство и вознемирување, вклучително и родово-базирано насилство и вознемирување. Конвенцијата ги штити работниците, независно од нивниот договорен статус, лицата на обука, вклучувајќи ги стажантите и практикантите, работниците чијшто работен однос престанал, волонтери, баратели на работа и кандидати за вработување и лицата што вршат овластувања, должности или одговорности на работодавачот,“ рече Тренчевска.

Министерката апелираше на поддршка од сите политички партии и едногласно донесување на овој закон и воведување на оваа значајна конвенција во нашиот правен поредок.

Share
Scroll to Top