Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, денеска одржа вонредна прес-конференција, на која се осврна на, како што рече, обвинувањата и нападите што ВМРО-ДПМНЕ со денови ги пласира во јавноста.
Фрчкоски наведе дека по изгласувањето на Резолуцијата, која, според него, наместо борба против дезинформации, значи забрана на вистината и слободата на говорот, започнале закани со кривични пријави и апсења. Тој оцени дека вакви практики постоеле во времето на Третиот рајх.
Според него, темата „мигранти за пари“ е причина за, како што рече, паниката во ВМРО-ДПМНЕ. Фрчкоски тврди дека постои таен договор поврзан со мигранти и финансиски средства, кои, како што наведе, служеле за продолжување на тендерски практики.
„Одеднаш почнуваат да излегуваат вести за СДСМ, за наводни тендери со кои СДСМ нема никаква врска. На секоја вест ни го лепат ДУИ. Ова нивното е чист дефокус. Да постоеше нешто реално, одамна ќе реагираа. Сега ова е нивен сензационализам со цел да ги прикријат двете главни теми: „Мигранти за пари“ и забраната на слободата на говор со изгласаната Резолуција, по примерот на Декретот од Третиот рајх“, рече тој.
Во таа насока, тој изнесе примери за тендери во вредност од, како што рече, 5,3 милиони евра, 9 милиони евра и други милионски износи, доделени на фирми за кои тврди дека се поврзани со лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ, како и врски со Алта банка и Српската напредна странка.
Фрчкоски истакна дека ова, според него, е само почеток на откривање на криминално-корупциски шеми и афери, наведувајќи дека платформата Micko.mk и организацијата АКТ секојдневно прибираат нови информации, а по поднесувањето на пријавите, како што рече, настанала паника.
Тој обвини дека премиерот Христијан Мицкоски брза со реформи во правосудството со цел, според него, да го стави под контрола судството и обвинителството, додавајќи дека веќе 20 дена нема одговор за поднесените пријави.
Фрчкоски се осврна и на објавувањето негови фотографии и текстови од страна на ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека тоа претставува кампања за дефокус, во која, како што рече, без причина се споменува и неговиот татко. Тој посочи дека објавите следеле по неговата прес-конференција поврзана со трагедијата во Кочани, со цел, според него, да се тргне вниманието од одговорноста за тој настан.
Во однос на објавените фотографии на кои консумира дрога, Фрчкоски рече дека настанот се случил пред пет години, дека тогаш бил помлад и дека веднаш ја презел целосната одговорност, нагласувајќи дека со тоа ги повредил само своите најблиски.
„Она што се случи, се случи еднаш, и тоа пред 5 години, а не сега или пред неколку месеци како што тие лажно го прикажуваат. Може да се види на фографијата колку сум помлад, послаб.И за тоа веднаш ја презедов целосната одговорност. За разлика од нив, за кои имаме куп материјали, јас веднаш излегов јавно и ја презедов одговорноста. Дали некој од нив тоа го направи? Не. По сите нивни криминални афери, барем еден да се понесеше како човек и да преземеше одговорност. Никој. Тоа е разликата меѓу мене и нив. Со она што се случи ги повредив само моите најблиски – моите родители, моето семејство, децата. Ним ова најтешко им падна, а мене ми е искрено жал. Ниту еден граѓанин не беше загрозен на каков било начин, освен моите најблиски. Бев млад…“, изјави Фрчкоски.
Тој истакна дека на последниот Извршен одбор добил нова шанса од претседателот и од колегите, за што, како што рече, е благодарен и нема да ги разочара.
„За оваа тема зборувам последен пат. Вистината ќе победи“, изјави Фрчкоски, порачувајќи на крајот: „АКТ ви дише во врат. Борбата започна и нема да застане додека не ја ослободиме Македонија од криминалот и корупцијата“.
Текстот (Видео) Фрчкоски: ВМРО-ДПМНЕ врши дефокус за да ги прикрие „мигрантите за пари“ е превземен од МАКФАКС.






