Координација на активностите за успешно спроведување на претстојните избори, со поддршка од сите институции кои се дел од овој процес, беше тема на денешниот состанок на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски со претседателот на Владата на Република Северна Македонија Талат Џафери. На средбата присуствуваше и јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на Комисијата во Јавното обвинителство за следење на евентуални изборни нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.
На средбата заеднички се констатираше дека двојните избори во државава се од исклучителна важност во рамки на очекувањата за напредок на Република Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес и во таа насока се потенцираше улогата на сите надлежни институции и потребата од ефикасно дејствување, со цел спроведување фер и демократски изборни процеси. Се нагласи и очекувањето од двете страни, дека сите учесници во изборите го согледуваат својот дел од одговорноста и ќе придонесат во поттикнувањето и одржувањето атмосфера на конструктивност.
Во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, денеска, јавниот обвинител Бајрами и членови на Комисијата остварија работна средба со членовите на Државната изборна комисија, на која двете институции меѓусебно се информираа за текот на подготовките за организација и следење на изборниот процес, како и потенцијалните ризици. Привремената комисија во Јавното обвинителство непосредно ќе комуницира со членовите на ДИК во текот на спроведувањето на изборниот процес и особено на денот на гласањето за да се информира за сите евентуални изборни нерегуларности кои би можеле да бидат предмет на кривична одговорност за сторителите.
Текстот (Видео) Јавното обвинителство се координира со останатите институции за обезбедување фер и демократски изборен процес е превземен од МАКФАКС.