Владата преку ЕСМ ќе управува со БЕГ до крај на грејната сезона

пред 3 години

Владата преку Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ќе управува со БЕГ до крај на грејната сезона.

Ова е одлуката која ја донесе државата со цел скопјани да имаат парно и тоа да не се исклучи од вечерва, како што беше најавено од БЕГ поради немање на гас.

„ТЕ-ТО е задолжено да произведува и дополнителна електрична енергија“, соопшти министерот за економија, Крешник Бектеши.

„Утре ќе има парно греење и ќе има до крај на грејната сезона. Сите други одлуки се дел од решенијата кои ќе ги донесеме, како и мерките, финансиските средства кои треба да се обезбедат за мерките да се спроведат. До крајот на грејната сезона нема да има проблем со греењето“, рече вицепремиерот Фатмир Битиќи.

„Меѓу ЕСМ и ТЕ-ТО има договор, а идната недела ќе се потпише договорот за ЕСМ да управува со БЕГ. Договорот за испорака на вишоци електрична енергија, потпишан е денеска“, рече Бектеши, што значи дека ТЕ-ТО ќе дава гас на БЕГ за скопјани да имаат топлинска енергија.

БЕГ и натаму ќе има лиценци, обзнани претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски. Тој вели дека БЕГ ветиле и подобрување со снабдувањето, а откако во изминатиот период дел од граѓаните се жалеа на млаки, наместо топли радијатори.

Бислимоски е лут на експертите, кои реагираа дека може да се очекува големо покачување на парното поради покачувањето на цената на гасот.

„Во изминатиот период имаше најризични очекувања и најави дека ќе се случи апокалипса со топлинската енергија. Кризата со која се соочува со Европа ќе заврши со едноставно поскапување од 14 проценти. Во наредниот период ќе има одлука со која ќе се определи реална цена на топлинската цена, а разликата со постоечката цена, ќе се надокнади од Владата“, рече Бислимоски.

Share
Scroll to Top