Случајот со оставката на Рубин Земон од Извршниот одбор на СДСМ, е доказ дека дури и Филипче сфати дека претера, па Земон мораше да даде оставка за да не го уништел угледот на партијата, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија тврдат дека погубните политики го довеле Филипче до рејтинг од едвај 3%, поради што партијата му се распаѓа, а членството масовно си заминува.
„Дали Венко Филипче се оградува од ставовите на членот на ИО Рубин Земон, кој тврдеше дека Гоце Делчев не направил ништо за Македонија и не е битен за македонскиот идентитет? Филипче е опкружен со луѓе на кои не им сметаат предавничките политики и навредите кон Македонија“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека со ваквите „мекотелни политики“, СДСМ им дава простор на бугарските власти да ја уценуваат државата, надевајќи се на мала група политичари кои би ги исполниле нивните барања. „Како што тргнал Филипче, на крај ќе остане сам со кланот Заеви“, заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно денес, Рубин Земон преку својот Фејсбук профил соопшти дека поднел оставка од Извршниот одбор на партијата. Како главна причина, тој ја наведе желбата да ја заштити партијата од, како што рече. непринципиелни напади кои ја инволвирале и неговата фамилија, нагласувајќи дека не сака да биде терет на СДСМ во борбата за уривање на актуелната власт.
На тоа претходеше фотографија од негова средба во Софија со бугарскиот државјанин Виктор Стојанов, претседател на контроверзната „Фондација Македонија“. Стојанов е личност со доживотна забрана за влез во Македонија, против кого пред беше поднесена и кривична пријава за ширење говор на омраза кон македонската држава.
Земон веќе беше мета на критики поради неговата изјава за Гоце Делчев. Тој подоцна експресно се извини и појасни дека неговите зборови биле погрешно протолкувани и извадени од контекст.
Текстот ВМРО-ДПМНЕ: И Филипче сфати дека претера, па Земон мораше да си даде оставка е превземен од МАКФАКС.





