Заевизмот продолжува да го урива стандардот на граѓаните. После поскапувањето на струјата за над 15% денес испорачаа ново поскапување. Денес со одлука на послушникот Бислимовски на граѓаните на Скопје покачена е цената на парното греење за дополнителни 14%, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„ Во услови кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, кога цените на производите во маркетите пораснаа до небо, сега се испорачува ново поскапување кое ќе удри по џебот на народот.
Иако ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше пред неколку месеци дека ќе дојде до ваков ценовен шок и поскапување на парното, Владата на Заев не презеде ништо. Сега неодговорноста и неспособноста на владата треба да ја плаќаат граѓаните.
Дополнително власта во декември при носењето на Буџетот за 2022 година го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се обезбедат 250 милиони евра за субвенционирање на електрична енергија на граѓаните и компаниите за да се спречи дополнителен ценовен шок и инфлација и да се обезбедат пари за сите општини кои од почетокот до па се до крајот на енергетската криза се соочиле со раскинување на договорите од страна на снабдувачите односно да се покрие разликата меѓу првично склучениот договор и моменталната цена на електричната енергија.
Да биде уште потрагично сега Бислимовски бара Градот Скопје да помага, а само пред неколку месеци поради Регулаторната комисија Градот и останатите општини самите се соочуваат со 5-6 пати повисоки сметки за електрична енергија и самите едвај успеваат да ги покријат трошоците. На сето тоа уште и го заглавија Градот Скопје со долг од над 160 милиони евра поради неодговорноста на Шилегов.
Ова е лицемерието на заевизмот кое народот скапо го плаќа од свој џеб“ се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.