ВМРО-ДПМНЕ ја известила меѓународната заедница дека можни кандидати за уставни судии се членови на политичка партија

пред 5 години

Двајцата можни кандидати за членови на уставниот суд –  Цветанка Иванова од СДСМ и адвокатот Талески од Битола исто така од СДСМ, го прекршуваат членот 111 од Уставот доколку бидат предложени и избрани за судии во Уставниот суд. Ова го истакна пратеникот Антронијо Милошоски кој соопшти дека пратеничката група ги известила меѓународните фактори, особено делегацијата на Европската Унија дека функцијата на судија во Уставниот суд е неспоива со членување во политичка партија.

„Иванова и Талески најмногу што направиле е што се истакнале во нивното членство во СДСМ. Затоа сметаме дека ова би претставувало не само партизација, туку и заевизација на Уставниот суд. Во време кога Македонија е на ниското 111 место заради корупцијата, со многу лоши оцени, меѓу другото и заради партизацијата на важни државни институции, не смееме да дозволиме заевизација на Уставниот суд. Од друга страна, еден од кандидатите кој што исто така е предложен, Цветанка Иванова, освен што е партиски активна, таа не го исполнува критериумот на истакнат правник. Таа дипломирала на правен факултет, но нема ниту еден стручен и научен труд, ниту пак било каква пракса во правосудни или други органи кои се занимаваат со примената на правото за да може да се смета дека е истакнат правник“, рече Милошоски.

Пратеникот истакна дека очекува позитивна реакција од владејачкото мнозинство и меѓународниот фактор.

ВМРО-ДПМНЕ апелира до владејачкото мнозинство, не само со пратениците во Собранието, туку и со јавноста да ги сподели сите оние личности кои што поднеле писмо за намери да бидат третирани како можни кандидати за уставни судии. Според партиските сознанија на ВМРО-ДПМНЕ, таква желба пројавиле најмалку неколку квалификувани судии со долгогодишен, децениски стаж во нивната работна кариера.

„За жал владејачкото мнозинство се’ уште ги крие овие имиња веројатно затоа што им е незгодно да направат споредба помеѓу кандидатите кои што се квалификувани за судии во Уставниот суд и партиските членови кои што тие сметаат дека треба да бидат послушни на Зоран Заев во Уставниот суд“, додаде Милошоски.

Share
Scroll to Top