Во Алтернатива постои поделеност дали партијата да влезе во Владата, истакна претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, по средбата со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши.
„Алтернатива можеби ќе влезе во Владата, а можеби и не. Тоа ни беше кажано на денешната средба“, рече Заев, потенцирајќи дека се отвориле неколку проблематики за кои за време на викендот и на почетокот на идната недела ќе размислуваат и двете партии. Можното идно коалицирање, вели премиерот, ќе биде врз основа на програмски принципи, што е позитивно.
Алтернатива поставила неколку услови за можен влез во Владата, кои треба да се најдат на маса во партиските тела на СДСМ. Потоа, како што истакна Заев, јавноста ќе биде запознаена со ставот на владејачката партија.
Според премиерот, логична е поделеноста во Алтернатива, со оглед на тоа што пред две недели беа на став да се собори Владата, односно ДУИ.
Заев на прес-конференција по средбата со Гаши кажа и дека тој не е за предвремени парламентарни избори.
Разговорите со Алтернатива ќе продолжат следната седмица.