Во Македонија хоспитализирани се вкупно 134 ковид-пациенти, 51 од нив се во Скопје

пред 3 години

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 134 и има околу 515 празни болнички кревети во ковид-центрите, информираат од Министерството за здравство.

Од таму потсетуваат дека поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти.

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава, со исклучок во главниот град, е пријавено дека се лекуваат вкупно 83 пациенти позитивни и суспектни на вирусот.

Во болниците во Скопје тој број изнесува 51 пациент, од кои тројца биле примени во последните 24 часа. Во изминатото деноноќие дома биле пуштени 7 оздравени пациенти.

„Во болницата во Битола се хоспитализирани 12 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 10 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 4 пациенти, во Велес се лекуваат 8 болни, а во Куманово 15 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 7 пациенти, во Прилеп 6, во ковид-центарот во Гостивар 3, а во Струга 5 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 8 пациенти, во Кичево 4, а во Кавадарци и во Гевгелија нема хоспитализирани лица позитивни или суспектни на вирусот“, се наведува во соопштението од ресорното министерство од каде додаваат дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.

Исто така се нагласува дека во скопските ковид-центри бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 90 слободни места.

Share
Scroll to Top