Во пожарот во Пробиштипско изгоре една куќа, општината апелира: Не се движете кон зафатеното подрачје

Во пожарот во Пробиштипско изгоре една куќа, општината апелира: Не се движете кон зафатеното подрачје

пред 5 часа

Ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување дејствуваат врз пожарот во Пробиштипско, кој избувна денеска во претпладневните часови и брзо се прошири во реонот на селото Бучиште.

Пожарот го зафатил подрачјето меѓу селата Бучиште, Неокази и Петршино. Во Бучиште пожарот е локализиран, но во огнената стихија изгорела една куќа.

Од Општина Пробиштип соопштија дека сите расположливи сили се максимално мобилизирани и се наоѓаат на критичните точки со цел огнот да се стави под контрола.

На терен активно и координирано работат Територијалната противпожарна единица – Пробиштип, членовите на Доброволното противпожарно друштво – Пробиштип, претставници на надлежните институции, како и локалното население.

Општината апелира до граѓаните да избегнуваат непотребно движење со возила и пеш кон зафатеното подрачје и селото Бучиште, за да се овозможи непречен пристап на противпожарните возила.

Граѓаните се повикуваат да ги почитуваат насоките на надлежните служби, да не шират паника и дезинформации на социјалните мрежи, а доколку забележат ново жариште или сомнително однесување, веднаш да пријават на бројот 112 или во ТППЕ Пробиштип.

Од Општина Пробиштип наведуваат дека внимателно ја следат состојбата на терен и дека јавноста навремено ќе биде информирана за понатамошниот развој на настаните.

Фото: илустрација

Текстот Во пожарот во Пробиштипско изгоре една куќа, општината апелира: Не се движете кон зафатеното подрачје е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top