Делегацијата на Европската Унија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници го објавуваат конкурсот за 18-тото издание на наградата „Жан Моне“ за најдобри достигнувања во известувањето за прашања поврзани со темата „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности”.
Наградата „Жан Моне“ ќе биде доделена во 3 натпреварувачки категории:
Најдобра новинарска сторија (за стории објавени во печатени медиуми, телевизија, радио и/или на интернет);
Најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на интернет);
Најдобра аматерска фотографија.
1. Конкурс за најдобра новинарска сторија
Во оваа категорија може да учествуваат стории коишто се однесуваат на темата „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности”, а чиишто автори се новинари од државата. Сториите треба да бидат објавени во домашни весници, списанија, телевизии, радио или на веб-страници, во периодот меѓу 1 јануари 2020 и 31 декември 2020 година.
Сториите треба да ги исполнуваат следниве критериуми:
Да се однесуваат на темата „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности”; Да се објавени во периодот меѓу 1 јануари 2020 и 31 декември 2020 година; Да се потпишани со вистинското име на авторот.
Копии од новинарските стории во дигитален ПДФ формат (видео фајл за ТВ и радио), заедно со изјава во писмена форма, потпишана од авторот, со која гарантира дека таа/тој е автор на сторијата, треба да се испратат на следнава електронска адреса: [email protected], најдоцна до 11 април 2021 година, до 18.00 часот. Секој/а од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на Europe House Скопје.
Награда: статуетка, диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра.
2.Конкурс за најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на интернет)
Конкурсот е отворен за сите професионални фоторепортери и фотографи од државата, кои може да поднесат до три (3) фотографии на тема „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности”, објавени во периодот од 1 јануари 2020 до 31 декември 2020 година.
Фотографиите треба да ги исполнуваат следниве критериуми:
Да бидат поврзани со темата „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности”;
Да се објавени во периодот од 1 јануари 2020 до 31 декември 2020 година;
Да не се користени за комерцијални цели.
Копии од фотографијата/фотографиите во дигитален формат (големината на секоја фотографија треба да биде 3-5 MB), заедно со изјава во писмена форма и потпишана од авторот со која гарантира дека таа/тој е автор на фотографијата, треба да се испратат на следнава електронска адреса: [email protected], најдоцна до 11 април 2021 година, до 18.00 часот.
Секој/а од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на Europe House Скопје.
Награда: статуетка, диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра.
3.Конкурс за најдобра аматерска фотографија
Конкурсот е отворен за сите фотографи аматери од државата кои може да достават една фотографија на тема „Заедницата – тоа сме ние“. Фотографиите кои се натпреваруваат во оваа категорија може, но не мора, да биле претходно објавени.
Фотографиите треба да ги исполнуваат следниве критериуми:
Да се однесуваат на темата „Заедницата – тоа сме ние“; Да не се користени за комерцијални цели.
Кандидатите за оваа категорија треба да ги испратат своите пријави на следнава електронска адреса: [email protected], најдоцна до 11 април 2021 година, до 18.00 часот. Секој кандидат може да испрати по една (1) фотографија (големина на фотографијата 3-5 MB), како и да гарантира дека тој/таа е автор на фотографијата со испраќање изјава во писмена форма на истата електронска адреса. Секој/а од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на Europe House Скопје.
Награда: диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 500 евра.
Забелешка: Оваа активност е организирана во соработка со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Делегацијата на Европската Унија нема да се смета за одговорна за каква било законска обврска што произлегува од какви било спорови околу авторските права, за кои исклучиво е одговорен пријавениот натпреварувач. Делегацијата на Европската Унија го задржува правото да ја поништи квалификацијата на пријавената творба околу која се спори и да ја повлече доделената награда и паричната награда. Оваа активност не ги одразува ставовите на Европската Унија.
Дополнителни информации
За добитниците на наградите ќе решава жири комисија составена од пет члена. Свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 28 април 2021 година.