Гаши: Европската интеграција треба да донесе подобар животен стандард за граѓаните

Гаши: Европската интеграција треба да донесе подобар животен стандард за граѓаните

пред 6 часа

Европската интеграција не е само процес на усогласување закони, исполнување критериуми и отворање и затворање поглавја. Таа, пред сè, е процес кој треба да овозможи темелна промена на системот, во функција на поквалитетен животен стандард за сите нас – порача претседателот на Собранието, Африм Гаши, на Граѓанскиот форум „Северна Македонија и иднината на Европа: Граѓаните во срцето на проширувањето на ЕУ“.

Гаши истакна дека членството во Европската Унија треба да значи подобро образование и здравство, достоинствени работни места, функционални институции, еднаква правда, борба против корупцијата и создавање услови младите својата иднина да ја гледаат во земјава.

Според него, европскиот пат не може да се води само во институциите, туку граѓаните треба постојано да бидат вклучени во креирањето на политиките.

„Вашиот глас е важен. Вашите очекувања се важни. Вашите критики се важни“, порача Гаши, додавајќи дека европската интеграција ќе има вистинска вредност доколку граѓаните се чувствуваат како активни учесници, а не само како набљудувачи на процесот.

На форумот, кој се одржува во соработка со Европскиот парламент, учествуваат граѓани, пратеници, европратеници и експерти. Гаши оцени дека нивната директна комуникација претставува можност отворено да се разговара за предизвиците на европскиот пат, но и за начинот на кој земјата треба да го гради демократското и просперитетно општество.

Тој потсети дека форумот следува по одржувањето на Мешовитиот парламентарен комитет во Собранието, каде што македонските пратеници и европратениците усвоија заеднички препораки за клучните реформски приоритети.

Гаши нагласи дека европската интеграција треба да биде надпартиска и долгорочна определба, со широка поддршка во општеството.

„Да не дозволиме европската агенда да остане само институционална агенда. Да ја претвориме во граѓанска агенда“, порача претседателот на Собранието.

Тој упати порака и до европските партнери дека Македонија сака да биде дел од Европската Унија, но истовремено очекува европските стандарди да станат реалност и за секој граѓанин во земјата.

Гаши порача дека Собранието има посебна одговорност во процесот преку отворен парламент, транспарентни процеси и постојан дијалог меѓу политичките партии, институциите и граѓаните.

Текстот Гаши: Европската интеграција треба да донесе подобар животен стандард за граѓаните е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top