Во пресрет на Светскиот ден на здравјето, Општина Центар на 6 април (понеделник) организира бесплатни здравствени консултации за граѓаните, кои ќе се одржат во Општинскиот младински центар „Матично“, во период од 09:00 до 15:00 часот.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика граѓаните да ја искористат можноста за бесплатни здравствени проверки и советувања со лекари.
„Ги поканувам граѓаните да дојдат во Општинскиот младински центар „МАТИЧНО“ и да се консултираат со тим специјалисти за своето здравје, да направат превентивни мерења на притисокот и шеќерот во крвта, и да добијат бесплатни совети. Оваа акција ја спроведуваме со цел да ја поттикнеме свеста за грижата за сопственото здравје и превентивните контроли. Здравото население е најголемото богатство на една држава“, порача Герасимовски.
„Граѓаните во понеделник ќе имаат можност за својата здравствена состојба да поразговараат со тим составен од гинеколог, ортопед, дерматовенеролог и инфектолог. Во рамки на акцијата на Општина Центар, студенти по медицина ќе вршат мерење на крвен притисок и гликоза во крвта.
Во стручниот тим ќе бидат вклучени и советниците во Советот на Општина Центар, Снежана Георгиева Јаневска – гинеколог и Александар Савески – ортопед трауматолог.
Активноста се реализира во соработка со ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Општина Центар продолжува со иницијативи насочени кон подобрување на квалитетот на живот и поттикнување на здравите животни навики кај граѓаните“, се наведува во соопштението на Општината.
Текстот Герасимовски: Бесплатни здравствени консултации во Центар на 6 април, го одбележуваме Светскиот ден на здравјето е превземен од МАКФАКС.





