Димитров: Словачка обезбедува континуирана поддршка преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ

пред 4 години

Процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, спроведувањето на европските реформи во земјата и билатералната соработка беа темите на кои денеска се осврнаа заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и амбасадорот на Република Словачка, Хенрик Маркуш.

Соговорниците разговараа за поддршката која Северна Македонија ја добива преку Словачка помош (Slovakia Aid) во работата на Националната конвенција за Европската Унија како демократски форум за отворен и транспарентен дијалог за прашањата поврзани со пристапните преговори за членство во Европската Унија.

„Во оваа фаза од нашиот пат кон ЕУ, поддршката од нашите билатерални партнери е повеќе од добредојдена. Република Словачка претставува одличен пример за патот кој Северна Македонија треба да го изоди во усвојувањето, прифаќањето и реализацијата на стратешките цели за членство во Европската Унија и апсорпцијата на европските фондови во тој процес“, рече Димитров.

Вицепремиерот за време на средбата се заблагодари за поддршката која што Словачка континуирано ја обезбедува за Северна Македонија преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ – за време на поплавите во 2017 година, во текот на мигрантската криза, како и неодамна најавената помош за справување со здравствените последици од Ковид-19.

Поздравувајќи ги успесите кои Северна Македонија ги постигна во изминатите три години, амбасадорот Маркуш истакна дека регионот и Европската Унија во овој момент имаат потреба од успешни приказни, а Северна Македонија има потенцијал да прерасне во пример за успешна трансформација.

Share
Scroll to Top