Докторот од Македонија, кој прегази куче во Софија, обвинет за сурово однесување кон животно

Докторот од Македонија, кој прегази куче во Софија, обвинет за сурово однесување кон животно

пред 6 часа

Окружното обвинителство на Софија го обвини докторот Ненад Цоневски за намерно сурово однесување кон животно, обвинение кое спаѓа под кривична одговорност предвидена во Кривичниот законик, јавија бугарските медиуми.

Денес, во 16:30 часот, пред централниот влез на Воено-медицинската академија во Софија ќе се одржи протест под слоганот „Правда за Маја“, насочен кон борба против суровоста кон животните и поддршка на построги законски санкции во вакви случаи.

Повод за организирање на протестот е инцидент во кој Цоневски прегази куче во Софија. Кучето, по име Маја, беше тешко повредено и последователно беше евтаназирано.

Името на Цоневски е поврзано со Воено-медицинската академија, каде што работел. Порано оваа недела, раководството на болницата објави дека докторот е привремено суспендиран од својата позиција додека случајот не се расветли.

Бугарските медиуми вчера објавија дека Цоневски се вратил во Македонија. „Специјалистот по торакална хирургија, д-р Ненад Цоневски, кој беше снимен на 9 ноември како го прегазува кучето Маја во населбата Разсадника во главниот град со својот ‘Фолксваген Пасат’, се врати кај своите родители во неговиот роден град Делчево, Северна Македонија“, објави Телеграф.

Пред да ја напушти Бугарија, докторот бил испрашуван во полициска станица, по што бил ослободен.

Случајот предизвика сериозна јавна реакција на социјалните медиуми и онлајн платформите. Петицијата со која се бара целосна и непристрасна истрага собра над 220.000 потписи. Луѓето бараат ефикасно спроведување на законот и воведување посериозни санкции за намерно насилство кое резултира со смрт или тешко страдање на животните.

„Сакаме да испратиме јасна порака дека ваквите дејствија нема да се толерираат и дека мора да има реални последици за сторителите“, коментираа организаторите на протестот, цитирани од Бугарското национално радио.

На социјалните мрежи се јавија и граѓани со поддршка за Цоневски.

„Ние, група на граѓани за поддршка на Д-р Ненад Цоневски и сакаме јавно да ја изразиме нашата морална поддршка за докторот Ненад Цоневски – наш сограѓанин кој е млад и перспективен човек, а кој неодамна ненамерно згазил улично куче во Бугарија — несреќен настан што може да му се случи на секој возач. Сметаме дека е неправедно овој несреќен случај да се користи за јавна осуда и навреди кон еден човек кој својата кариера и живот ги посветил на помагање на другите. Доктор Ненад Цоневски е првенец на својата генерација, завршил медицински факултет со исклучителен успех и моментално специјализира хирургија. Познат е по својата посветеност, хуманост и скромност“, се вели меѓу другото во писмото испратено од Група за поддршка на д-р Цоневски .

Текстот Докторот од Македонија, кој прегази куче во Софија, обвинет за сурово однесување кон животно е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top