Паријата ДОМ во соопштение до јавноста ги негира, како што се вели во него, индивидуалните изливи на незадоволство и клевети искажани на денешната прес-конференција во која членови на паријата побараа оставка од претседателката, Маја Морачанин.
Од ДОМ тврдат дека лажно се прикажува незадоволство на 17 општински организации, чии членови, според раководството на партијата, не биле ниту запознати, ниту консултирани за денешната прес-конференција.
„Очигледно е дека мала група на лица, од кои, некои лажно се претставуваат со функции од партијата, имаат јасна намера да му наштетат на ДОМ и да го нарушат кредибилитетот и рејтингот на партијата пред локалните избори. Тоа, сепак, не може да ги збуни граѓаните на кои не им е јасно која е политичката цел и намера на Алтипармаковска, ниту, пак, за што таа се залага. Ќе беше добро наместо неосновани обвинувања и етикетирања, да им објасни на граѓаните што сработи за овие четири години како советничка од ДОМ во Битола“, се наведува во партиското соопштение.
Во него се додава дека барањето оставка од претседателката Маја Морачанин, не е основано, зашто само пред некој месец, на состанок на Централниот одбор на партијата, таа поднела Извештај за нејзината двегодишна работа и побарала членовите на ЦО да се изјаснат дали имаат доверба таа да продолжи да ја води партијата.
„Без ниту еден глас против или воздржан и беше изгласана доверба, со што, уште еднаш, се потврди единството на членството на партијата и заложбите за доследно спроведување на зелените политики“, стои во соопштението.