Од 13 август до 14 септември 2026 година граѓаните ќе имаат можност да учествуваат во јавната анкета за Нацрт-Деталниот урбанистички план за Градска четврт Ј 05 – „Барутана“, со кој се предвидува нова градба на падините на Водно.
ДОМ ги повикува сите граѓани на Центар, но и сите скопјани кои го чувствуваат Водно како заедничко природно богатство на градот, да се вклучат во јавната анкета и да ги достават своите забелешки против урбанизацијата на Водно.
„Според објавените информации, планот предвидува изградба на околу дваесет нови објекти на стрмен предел со значителни површини за градба што подразбира дополнително сечење на шума, пробивање инфраструктура и зголемување на урбаниот притисок врз Водно. Планскиот опфат е со површина од 6,89 хектари.
Водно е јавен простор, природно добро и недозволиво е да се претвора во простор за луксузни хациенди. Шумата, зеленилото, стабилноста на теренот и природната заштита на Скопје се прашања што ги засегаат сите граѓани, а не само сопствениците на парцелите опфатени со планот.
Затоа ги повикуваме граѓаните наместо да негодуваат на социјалните мрежи, да го искористат своето право и официјално да поднесат забелешки во јавната анкета.
Детали за учество во јавната анкета:
Период на траење: 13 август – 14 септември 2026 година.
Увид на лице место: Секој работен ден од 8:00 до 16:00 часот во ООУ „Кочо Рацин“ (ул. „Салвадор Аљенде“ бр. 2), каде што е изложен Нацрт-ДУП-от.
Електронско поднесување: Преку веб-страницата на Општина Центар и информацискиот систем е-урбанизам.
Јавна презентација: 3 септември 2026 година во 12:00 часот, во просториите на Општина Центар.
Водно не е парцела за богатење – Водно е заеднички простор на сите граѓани. Затоа неопходна е силна граѓанска реакција за да се спречат понатамошната бетонизација и неконтролираната урбанизација на Водно. Учествувајте во јавната анкета!“, порача ДОМ.
Текстот ДОМ: Недозволиво е Водно да биде жртва на профитерство – учествувајте во јавната анкета за ДУП-от „Барутана“ е превземен од МАКФАКС.




